16/04/2024
Македонија

Нашата земја 30-та членка на НАТО

Денеска нашата земја стана 30-та членка на НАТО, откако го депонираше својот инструмент за пристапување кон Северноатлантскиот договор пред Министерството за надворешни работи на САД во Вашингтон.

По тој повод, на 30 март, пред седиштето на НАТО, ќе се одржи церемонија на подигнување на македонското знаме.

„Северна Македонија сега е дел од семејството на НАТО, семејство со триесет нации и речиси една милијарда луѓе. Семејство засновано на сигурност дека, без оглед со какви предизвици се соочуваме, сите ние сме посилни и побезбедни заедно. Северна Македонија е долгогодишен придонесувач за нашата евроатлантска безбедност, вклучително и со учество во мисии предводени од НАТО во Авганистан и во Косово“ – изјави генералниот секретар на НАТО, Јенс Столтенберг.

Сојузниците на НАТО го потпишаа Протоколот за пристапување изминатиот месец, по што сите 29 национални парламенти гласаа за ратификување на членството на земјава.