25/04/2024
Охрид

Насмевката е причина за радост

Секој посакува здрави заби и убава насмевка. Таа е врата за успех на социјален, професионален и приватен план. Денешната стоматологија нуди брзи решенија до совршена насмевка. За таа цел, WebOhrid разговараше со Д-р Кристина Стојаноска Алоска, доктор на стоматологија во ПЗУ „Д-р Сашо Стоев“ во Охрид.

Спонтана, непосредна и предадена на својата професија, со задоволство одговори на нашите прашања. Таа е автор на брошурите „Грижа за забите“ и „Насмевка без кариес“ во издание на Црвен крст – Охрид, и книгата со приказни „Насмевка за петка“ во издание на Едука мак од Скопје.

WebOhrid: Што претставува здрава и убава насмевка?

Д-р Кристина: За насмевката постојат многу „дефиниции“. Здравата и убава насмевка вклучува во себе многу време за нега и внимание. Тука пред се е правилно одржување орална хигиена, внимателно избрана храна како и посети на стоматолог. Здравата насмевка подразбира здрави заби и здрави непца. Насмевката е најубавиот украс, но и најубав подарок. Современата стоматологија овозможува за многу кратко време секој да добие совршена насмевка.

WebOhrid: Со кого е најлесно, а со кого најтешко да се соработува во ординација?

Д-р Кристина: Кога се во прашање пациентите, не постојат правила со кои би се олеснила соработката доктор-пациент, па според тоа нема полесна и потешка категорија за соработка. Одсекогаш сметав дека за да бидеш добар стоматолог треба да бидеш пред се добар психолог. Од една страна, мораш да пронајдеш начин како да го привлечеш и насочиш вниманието на пациентот на одредена страна, за да можеш полесно да ја сработиш проблематиката. Кај децата е премногу тешко тоа. Се трудам многу, па мислам дека ми успева прво да ги освојам, а после да си ги поправиме расипаните запчиња.

WebOhrid: Која, според Вас, е најголемата причина за страв од посета на стоматолог?

Д-р Кристина: Кога зборуваме за стравот како емоција, слободно може да се каже дека не постои поделба кај кого најчесто се јавува. Обично, сметаме дека најчесто се јавува кај децата, помалку кај возрасните, но во ординација тоа не е така. Без разлика на возраста, стравот го има и кај децата и кај возрасните, и кај мажите и кај жените. Тие не се плашат од стоматологот. Најголемата причина е стравот од болка.Но, за да се намали тоа чувство, потребно е преку разговор на пациентот да му се објасни дека не секоја посета на стоматолог, но и секоја интервенција не е поврзана со болка. Впрочем, цел на стоматологијата е да ја спречи болката, а идеал е да ја излечи.

WebOhrid: Кој е најлесниот чекор за здрава насмевка?

Д-р Кристина: Овде не би рекла дека постои чекор до здрава насмевка туку чекори а можеби и патека која води до здрава насмевка. Најпрво и најважно е редовното и правилно четкање на забите со четка и паста за заби. Овој, би рекла ритуал, секој треба да го практикува задолжително два пати во денот, наутро и навечер. Потоа, патот води низ трпезата, односно тука е здравата храна и најпосле патеката завршува со контролна посета кај стоматолог. Велам контролна, затоа што многумина посетуваат стоматолог само кога имаат потреба од тоа односно кога ќе почувствуваат болка или некаква промена на забите и во устата воопшто. Здравствената култура налага контролни посети кај стоматолог на секои два месеци.

WebOhrid: Што значи правилно миење на забите?

Д-р Кристина: Правилно миење на заби подразбира употреба на соодветна четка и соодветна паста за заби која одговара на состојбата во устата на пациентот. Миењето на забите трае околу три минути, односно тоа е потребно време да се исчеткаат убаво сите заби во устата од сите страни. Мора да се придржуваме кон правилната положба на четката (под агол од 45 степени) и првилни (кружни) движења со кои ќе биде отстранет и најмалиот остаток од храната. Тука треба да не се заборави, да се исчетка и јазикот. Грешката која најчесто се прави е миење на забите непосредно после оброк. Миењето на забите после оброк треба да се одложи за најмалку 30 минути. Тоа е така затоа што нивото на киселина во устата веднаш по оброк е зголемено и истата ќе влијае лошо врз чистиот емајл доколку сте ги исчеткале забите.

WebOhrid: Совет за пациентите, како да го зачуваат оралното здравје?

Д-р Кристина: Секој да се придржува кон горенаведените правила. Со навременото доаѓање на преглед, стоматологот ќе ги забележи и најмалите промени на забите, но и во устата воопшто. Се што е во зародиш полесно и побрзо ќе биде истретирано. Доколку доаѓаат ненавремено, поголеми се шансите за болка при интервенција, како и вадењето на забите кое никој не го посакува.

WebOhrid: Кои се Вашите новогодишни желби?

Д-р Кристина: Веќе сме на прагот на новата година што за мене претставува отварање на прва страница на нова книга. Во новата посакувам добро здравје на сите и повеќе здрави и убави насмевки. Нека радоста биде причина за насмевка, но и насмевката нека е причина за радост. Среќна Нова.

WebOhrid