28/03/2024
Охрид

„Научна и уметничка визита – Охрид 2018“: Академик Луан Старова, го претстави поетскиот портрет на академик Радован Павловски

Достоинство на македонската – своина на европската и светска поетска реч

Истакнатиот македонски поет, академик Радован Павловски, не само што е синоним и достоинство на македонското поетско пеење, туку тој стои рамо до рамо со најистакнатите поетски имиња во Европа и светот – истакна на соноќешното претставување на поетскиот портрет на академик Павловски, академик Луан Старова.

„Радован Павловски е застапен во најреномираните интернационални поетски енциклопедии. Неговите песни се објавуваат во сите европски поетски антологии, за него пишуваат блескави есеи врвните европски критичари, тој се вбројува во редот на носителот на Златниот венец на СВП, Ежен Гилвик.“ – потецираше Луан Старова.

Академик Старова оценува дека творештвото на Павловски е колку македонска, толку и европска и светска културна своина. Тој покажа како низ поезијата најубаво се брани својот мајчин, односно кодифицираниот литературен македонски јазик, јазик разбирлив, ослободен од идеолошки наслаги. Радован со својот јазик носи голема мисија со себе, нешто слично како италијанските автори со јазикот на Тоскана, основата на денешниот кодифициран италијански јазик.

Пред присутните акдемици, поети, културни работници, зборуваше и поетот Павловски, кој потенцира дека имагинацијата е оружје на слободата.

„Душата си ја венчав со долгите патишта. Почнав да студирам право, ама хемијата и магијата на зборот доаѓаат и преку правото, во мојов случај – римското право. Потоа дипломирав литература, не беше десетка, ама беше деветка, зашто на професорите им кажав дека „Дон Кихот”, може да биде напишан само во Шпанија, како што „Хамлет” може да биде напишан во Англија, како што, во словенскиот свет, во Русија, може да биде ннапишан „Облоков” на Кончаров, за сета облосовштина на нашиот свет. Секоја песна си има свој роден крај, јас во животот не сум бил ниту уредник, ниту член на жири, ама знам дека во мене и со мене живее житието на мојот народ.“ – потенцираше Павловски.

Промоцијата се одржа во Куќата на Уранија-МАНУ, во Охрид, во рамките на „Научната и уметничка визита”.

До крајот на „Визитата”, остануваат уште две манифестации. На 24 август ќе има поетско читање во рамки на СВП, а на последниот ден од манифестацијата (27 август) ќе биде промовиран зборникот „За и од Киро Глигоров“ по повод 25-годишнината од приемот на Република Македонија во Обединетите нации.

Во мене и со мене живее житието на мојот народ

Радован Павловски е поет, есеист и патеписец, еден од најзначајните поети од средната македонска поетска генерација.

Богат е неговиот поетски опус: „Клучеви” (1986), „Марена” (1986), „Темелник” (1988), трилогијата „Зрна, Молњи и Клучеви” (1989) и „Бог на утрото” (1991). Во овој период тој е автор на патеписот „Отклучување на патиштата” (1986) и „Манифестот на Петската република Железна Река” (1990). По осамостојувањето на Македонија во 1991 година, Павловски се појавува во јавноста со: поезија за млади „Вселенски деца” (1993), „Јавач на звукот” (1995) и „Синот на Сонцето” (1999), како и на есеите „Што може поезијата” (1993) и „Демократска џунгла” (1994). Во 1995 година од Струшките вечери на поезијата Павловски ќе ја испрати својата „Порака на поетот до сите поети во светот”.

Павловски е добитник на републичките награди: „Браќа Миладиновци” (1965), „11- ти Октомври” (1971), „Кочо Рацин” (1991) и „Ацо Шопов” (1995), како и на повеќе меѓународни признанија. Во 1977 година, како „еминентна личност наведена во меѓународно и национално признати дела”, Американскиот биографски институт го прогласи Радован Павловски за Човек на годината. Во 1998 година истиот институт му доделува Светско признание за животно дело.

За врвни достигнувања во XX век, од Интернационалниот биографски центар во Кембриџ, Англија, ги има добиено престижните признанија Меѓународна личност на годината за 1997 и 1998 година. Во едицијата „Кој е кој меѓу интелектуалците” во 1999 година, што го подготви Интернационалниот биографски центар во Кембриџ, Англија, е објавена биографијата и библиографијата на животниот и творечкиот опус на Радован Павловски. Поезијата на Радован Павловски е преведувана на околу 50 јазици, меѓу кои на англиски, арапски, грчки, германски, италијански, кинески, руски, француски и шпански јазик, а е застапен во многу антологии на современата македонска, европска и светска поезија. Во 2006 година Радован Павловски е избран за редовен член на МАНУ.

Веле Митаноски