20/04/2024
Македонија

Недела на современ шпански филм во Кинотеката на Македонија

Вечерва во Кинотеката на Македонија во 20 часот ќе биде отворена Неделата на современ шпански филм, што започнува со „Среќни 140“ на режисерката Грасија Керехета. Ќе бидат прикажани 7 филмови со превод на македонски и англиски јазик…

Шпанската кинематографија е светски реномирана и високо ценета од филмските критичари и љубителите на филмската уметност. Се работи за филмови, кои ретко можат да се видат по комерцијалните киносали во Македонија.

Директорот на Кинотеката, Владимир Ангелов оцени дека прикажувањето на шпански филмови е секогаш одговорна работа. „Шпанската кинематографија умее да насмее, да шокира, Педро Алмодовар тоа го објаснува попластично велејќи дека работи во повеќе жанрови бидејќи за него комедијата е измешана со трагедијата и дека тоа е една од шпанските карактеристики, односно дека начинот на кој трагедијата и комедијата се нераскинливи една од друга е многу шпански. Подеднакво како што се неодвоиви Дон Кихот и Санчо Панса“, вели Ангелов во пресрет на Неделата на шпански филм во Македонија.