28/03/2024
Охрид

Нема толеранција за нелегално поставената урбана опрема

Локалната самоуправа од Охрид повеќе нема да толерира нелегално поставување урбана опрема на јавни површини . Сите субјекти кои веќе ја поставиле урбаната опрема,а за тоа не добиле одобрение ќе бидат соодветно санкционирани, ова беше заклучено на денешната работна средба на градоначалникот Јован Стојаноски и претставници од УЈП, Државен пазарен инспекторат и СВР Охрид со угостители, тезгаџии и останати корисници на урбана опрема.

Помина доволен период во којшто ние како локална самоуправа иако не мораше покажавме трпение за угостителските објекти во градов кои нелегално поставиле урбана опрема. До 10-ти април годинава оној кој што нема одобрение за поставување урбана опрема, а истата ја има поставено ќе добие прекршочни санкции. Законско право е физичките и правни лица да поднесуваат барање за поставување урбана опрема и подоцна меѓутоа до тој момент не смеат да ја поставуваат урбаната опрема. На пример дозволено е таа опрема да се поставува за три месеци од јуни до септември и за тој период сопствениците мора да ги подмират обврските кон општината“ -рече градоначалникот Јован Стојаноски кој потсети дека програмата за поставување урбана опрема е донесена во месец февруари годинава и дека на барање на туристичките работници таа може да претрпи измени и корекции но доколку тие се законски оправдани.

На средбата туристичките работници беа информирани дека во сила се измените од Законот за забрана за пушење цигари според кои е дозволено пушење исклучиво надвор од деловниот објект на отворен простор, тераси или бавчи.

„Деловниот објект од терасата мора физички да биде одвоен. Казната според законот за прекршоци е варијабилна од 1 200 до 1 500 евра и зависи од остварениот вкупен приход за претходната година“– изјави Цветко Ристески од УЈП .

На средбата со чинителите во туристичката дејност кои користат урбана опрема се разговараше и за останати проблеми со кои тие се соочуваат со цел истите да се решат пред стартот на сезоната во насока на плодно и бериќетно лето.