29/03/2024
Македонија

НФФ: Минималната цена за откуп на грозје да биде производната цена

Вчера (10.08.2018) во општина Неготино, Националната федерација на фармери реализираше средба со производителите на грозје и вино на која се дискутираше за состојбите во лозарството и почетокот на откупната сезона. На средбата присуствуваа околу 50 производители на грозје од Тиквешкиот, Гевгелиско-Валандовскиот, Струмичкиот и Штипскиот регион.

Како што истакна претседателката на НФФ, Васка Мојсовска, лозарството е основна дејност на огромен број луѓе од Тиквешкиот регион, а Македонија е земја на виното и грозјето. Сепак откупната цена на двете најзастапени сорти во Република Македонија смедеревка и вранецот не е помрдната во изминатите 10 години, иако трошоците на произвоодството се зголемени дури и за повеќе од 50%.

Според анализата на НФФ од прозиводителите на терен се покажува дека цената на смедеревката е 16 денари, а на Вранецот е 17 денари, додека откупната на смедеревката е 9 денари, а на вранецот е 11 денари.

Земјоделците побараа минималната цена за откуп да биде производната цена.

„Да се обединиме и да бараме начини за алтернативни пазари. Градот го уништи грозјето, дајте да ги вратиме противградобијните ракети за да се бориме со климатски промени, осигурувањето е проблем, бидејќи не функционира системот или им даваат милост, или агенциите им даваат колку да преживеаат. Да се бориме за нашите права, кванташките пазари не функционираат“, велат лозарите.

Земјоделците на средбата уште еднаш побараа од МЗШВ:

  • Минимална заштитна цена за грозјето кои ќе изнесуваат колку проозводните на винските сорти односно смедеревката е 16 денари, а на Вранецот е 17 денари;
  • Функционирање на договорно производство согласно Законот за земјоделство и рурален развој и гаранција на наплата (банкарска гаранција од откупувачите);
  • Во Програмата за финансиска подршка на руралниот развој да влезат заштитние мрежи, антифрос системи, инсталирање на вентилатори, заштитни фолии како мерки за заштита и адаптација на овој сектор и целиот земјоделски сектор на новите климатски промени;
  • Враќање на против градобијните ракети;
  • Да се поддржат автохтони сорти кои можат да бидат конкурентни;
  • Да се зајакне контролата од страна на надлежните институции за издавање на лиценци и лиценцираните откупувачи;
  • Да се создадат правила и услови преку правна регулатива за продажба од куќен праг за преработки од грозје.

Средбата е подржана од проектот „Институционална поддршка на НФФ“, поддржан од We Effect.