18/04/2024
Охрид

Никој не може толку да исчисти колку што несовесните граѓани можат да загадат!

„Овде ѓубре, онде смет-колку грд е овој свет!“. Вака некако би ја препеале познатата песна од Змај, откако ќе излеземе малку над Охрид на патот за селото Рамне од каде би посакале убава глетка на градот и околината. И со право: прекрасен поглед кон Езерото и кон тврдината, а тука близу на патот – сосема друга, несакана глетка: расфрлано ѓубре, смет, градежен шут, пластични шишиња, картони, стари железа… и којзнае што уште не!!!? Кој тоа таму загадува?! Кој тоа го грди угледот на убавиот Охрид?! Кој тоа таму му создава нова депонија на ЈП „Охридски Комуналец“ и дали ова јавно претпријатие е должно да трча по несовесните граѓани кои за ситни пари прават крупни диви депонии во непосредна близина на градот?!?!?

„Дејноста на ЈП „Охридски Комуналец“ е подигање, транспорт и депонирање на смет од физички лица и правни субјекти кои преку цената за таа услуга ја плаќаат услугата. За дивите депонии, односно за одлагање на смет од несовесни граѓани, налог за отстранување на таквиот смет треба да даде комуналната инспекција. Во случај да не се постапи така при сознание дека некаде има смет, службите на претпријатието го подигаат сметот. Сакаме да има чиста животна средина“, – изјави за WebOhrid в.д. директорката на ЈП „Охридски Комуналец“, Елена Скрческа.

Сакаме ли Охрид навистина да биде Препознатливо Чист?! Ако е ДА, тогаш сите да се погрижиме да ни биде чисто, оти, поинаку: никој не може толку да исчисти, колку што несовесните можат да загадат! Нека за почеток профункционира соодветно и Комуналната Инспекција со соодветни парични и поучни казни! ЗА НАШЕ ЗАЕДНИЧКО ДОБРО! ЗА ЧИСТА И ЗДРАВА ЖИВОТНА СРЕДИНА!