29/03/2024
Македонија

Николоски: ВМРО-ДПМНЕ е партија на народот и секогаш ќе го слушаме неговиот глас

Николоски: ВМРО-ДПМНЕ е партија на народот и секогаш ќе го слушаме неговиот глас

Би сакал да се заблагодарам на сите членови на ЦК, на Претседателот на партијата, како и на членовите на ВМРО ДПМНЕ за можноста и привилегијата да бидам Потпретседател на ВМРО ДПМНЕ.

Да се биде дел од највисокото раководство на ВМРО ДПМНЕ е огромна чест и голем предизвик. Пред нас се големи предизвици, партијата мора да учи од минатото и да се подобрува за иднината. Тоа што беше добро треба да го продолжиме и надградиме, а од тоа што беше погрешно да се извлечат поуки, да не се повторат грешките.

ВМРО ДПМНЕ се наоѓа во исклучително тешки моменти, затоа што во тешки моменти е и Македонија. Несериозниот однос кон клучните национални прашања, целосното непознавање во економијата, прогонот на неистомислениците и притисокот врз правосудниот систем и слободоумната јавност од актуелната Влада на СДСМ и коалицијата се работите на кои силно мора да се спротиставиме.

Во следниот период ќе создадеме политики кои ќе ја одразуваат реалноста, но и желбите на македонскиот народ во каква Македонија сака да живее, ние сме партија на народот и секогаш ќе го слушаме неговиот глас. За тоа да се постигне потребно е и силно партиско реорганизирање, силни месни и општински комитети се срцето на партијата, треба да се препознаат слабостите и да се работи на нив, треба и да се наградат успесите и да се стимулираат.

Патот нема да е лесен нити краток, напротив, но можам да ви ветам многу работа, лична посветеност, жртва и пример и секогаш држење до идеалите и принципите. Демократско, народно и европско ВМРО ДПМНЕ е нашата цел!