19/04/2024
Македонија

Николоски: Земјите членки на ЕУ во својот „нон пејпер“ потврдија каква катастрофална политика води Владата на Заев

Интегрален текст од прес конференција за медиуми на Александар Николоски, Потпретседател на ВМРО-ДПМНЕ

Почитувани претставници на медиумите,

За жал се потврдија повеќемесечните стравувања како и наши укажувања во однос на евроинтеграциите на Македонија, дека земјата ризикува да не добие датум почеток на преговори. Не само заради спорот со името туку и заради катастрофалното ниско ниво на реформи. Укажувавме дека реформи нема во клучните области, како владеење на правото, борба против организиран криминал и корупција, реформи во администрацијата, економски реформи како и реформи во клучните области како здравство, труд и социјала, образование и екологија. Тоа јасно беше посочено во извештајот на Европската Комисија за Македонија, кој иако беше позитивен, имаше јасна критика во делот на реформи. И пред објавување на извештајот, а и откако се објави извештајот, јасно укажувавме дека реформи нема, а дека причината поради која Македонија доби позитивен извештај се исклучиво политичките критериуми. Тие се доволни за Комисијата да препорача почеток на преговори, но се недоволни земјите членки да прифатат почеток на преговори затоа што бараат реални реформи, бараат граѓаните на Македонија да живеат според европските, а не според африкански стандарди и јасно кажаа дека неподготвени земји веќе нема да се примаат во Европската Унија.

Затоа не треба да не чуди што влијателни земји како Франција, Холандија, Данска составуваат „нон пејпр“ во кој се спротивставуваат на давањето датум за почеток на преговори на Македонија во Јуни. Овие земји се пријатели, а не  непријатели на Македонија. Тие само го констатираат она што Европската Комисија претходно го напиша, а владата не сакаше да го прочита, нешто за што и не ни треба извештај од Европската Унија за да го видиме. Граѓаните тоа секојдневно го чувствуваат. Знаат добро граѓаните на Македонија дека реформи нема, дека напредок нема, дека економија тоне, криминал и рекет има на секој ќош, корупцијата цвета и има неформален брак помеѓу власта и нереформиораното судство каде власта на Заев ги пишува, а судот ги објавува политичките пресуди. Знаат граѓаните и за министрите кои работат од 10 до 2 и директорите од 12 до 2, а остатокот од времето го трошат или по кафеани или во подготовка на криминални зделки.

Затоа не треба да не чуди што Европската комисија напиша, а земјите членки во својот „нон пејпер“ потврдија каква катастрофална политика води Владата на Заев, таму пишува “За Македонија, и покрај вистинските промени во општата атмосфера во земјата, извештајот не покажува јасен суштински напредок во спроведувањето на Итните реформски приоритети. Имплементацијата на новите судски реформи е “тукушто започната“ и треба долгорочен напредок и континуирана промена во однесувањето. Неопходни се повеќе напори за да се обезбеди регрутација врз основа на заслуги и деполитицизација на јавната администрација. Борбата против корупцијата и организираниот криминал се уште не даде задоволувачки резултати и покрај поставената правна и институционалната рамка, корупцијата преовладува во многу области и продолжува да биде сериозен проблем, додека пак капацитетот на институциите за ефективно да се справат со корупцијата има покажано структурни и оперативни недостатоци, меѓу кои што е и политичкото мешање”.

Ова не го кажувам јас или ВМРО ДПМНЕ, туку Европската Комисија и затоа не треба да не чуди што во документот изработен од неколку земји членки на Европската Унија стои дека во однос на датум за почеток на преговори би се навратиле само и кога итните реформски приоритети ќе бидат исполнети.

Значи Заев може да ги распродава националните интереси колку сака, може да прифати и најсрамен и најпонижувачки договор во однос на спорот кој што го имаме со Грција, но тоа нема да му ја покрие неработата и корупцијата затоа што таа се гледа и Македонија нема да добие датум за почеток на преговори со Европската Унија. Заев може да ја нареди во судот па да добие ослободителна и сите да ги убедува дека тоа што го слушнале и виделе не е така, но неможе во истото да ги убеди  Франција, Холандија и Данска како и другите земји членки на Европската Унија.

Јас со месеци зборував дека постои договор помеѓу врвни функционери во Македонија и Албанија како би се закочил реформскиот процес во Македонија и двете земји би се ставиле во една група. Тоа и се случи. Значи не било она што го кажував јас научна фантастика туку било вистина за жал! Македонија која беше далеку пред  Албанија сега е во иста група и за двете земји нема почеток на преговори со Европската Унија,  затоа што во двете земји цвета криминал и корупција, нема реформи, економијата оди надолу и се уништува здравството, социјалата и образованието.

Повикувам веднаш Владата да преземе одговорност и клучните луѓе во овие области Министрите за надворешни Димитров, евроинтеграции Османи, Внатрешни работи Спасовски, Финансии Тевдовски, Економија Бектеши, здравство Филипче и Труд и социјала Царовска да поднесат оставки!