Николовски: Годинава извозот на зелки е зголемен за 34 отсто

Извозот на пролетната зелка оваа година во споредба со лани е зголемен за 34 отсто, изјави министерот за земјоделство,шумарство и водостопанство, Љупчо Николовски, на денешните пратенички прашања, одговарајќи на прашањето на пратеникот Никола Мицевски од ВМРО ДПМНЕ.

Николовски во одговорот посочи дека од почетокот на февруари досега се извезени околу 32,2 милиони килограми зелка во вредност од близу 9,6 милиони долари, а лани од почетокот на февруари до 30-ти април се извезени 24 милиони килограми зелка во вредност од 6,6 милиони долари.

МЗШВ и натаму континуирано се следи откупот на зелки и се преземаат конкретни мерки за извоз на зелката. Откупот на зелката започна со откупна цена од 40 денари за килограм, потоа се намали на 35 денари. Преку интензивните средби со земјоделците и откупувачите, МЗШВ, ги исполни барањата на производителите, откупната цена на зелката до празникот Велигден да биде 20 денари, и таа се задржа тогаш на тоа ниво.

Во однос на откупната цена на пролетната зелка, министерот Николовски посочи дека годинава цената започна со 40 денари, а во изминатите години се случувало откупната цена да заврши со 5 денари за килограм.

Извозот се реализира во околу 25 земји од Европа и пошироко.

Според анализите на МЗШВ, периодов се намалува понудата на пазарот и цената на зелката ќе се зголемува, во моментов откупната цена е 10 до 11 денари.

МЗШВ како ресорно министерство и натаму ќе го следи откупот на зелката и ќе работи на создавање на цврсто договорно производство, во кое земјоделците и откупувачите ќе бидат партнери.