29/03/2024
Македонија

Ниски температури, снег, голомразица и влажни коловози- возете внимателно!

И покрај тоа што температурите се  релативно високи за овој период од годината, сепак во последните неколку денови во земјава имаше значително влошување на временските услови. Појавите на дожд, магла и снег се очекува да се интензивираат во наредниот период.

Општо познат факт е дека временските услови влијаат на безбедното одвивање на патниот сообраќај и токму затоа, Републичкиот совет за безбедност на сообраќајот на патиштата апелира до учесниците во сообраќајот да бидат внимателни, одговорни и подготвени за безбедно управување на возилото при ниски температури и зимски услови на патиштата.

РСБСП посебно потсетува дека:

        • Обврската за поседување на зимска опрема во возилата започна на 15 ноември минатата година и трае до 15 март оваа година.  Оние возачи  кои се уште не обезбедиле зимска опрема  (синџири за снег или зимски гуми),  потребно е веднаш да го сторат тоа, бидејки покрај санкциите предвидени со ЗБСП и можноста полицискиот службеник да ги отстрани од сообраќај, со не обезбедувањето на зимската опрема ја загрозуваат сопствената безбедност, но и безбедноста на сите други учесници во сообраќајот.

         • Намалете ја брзината.  Во услови на ниски температури и обилни врнежи од дожд или снег, појавата на голомразица на патот, влажни и лизгави коловози,  е очекувана, особено ако патувате во раните утрински или доцните вечерни часови. Затоа бидете внимателни, прилагодете ја брзината според условите на патот и запомнете дека најважно од сѐ е живи, здрави и безбедни да пристигнете на посакуваната дестинација.

        •  Држете безбедно растојание.  Лошите временски услови и непогодната состојба на коловозите влијаат на сопирачкиот пат на возилото. Затоа,  држете безбедно растојание  и внимавајте на однесувањето на другите учесници во сообраќајот.

        •  Бидете предвидливи.  За безбедно одвивање на сообраќајот при дожд,  влажни и замрзнати коловози  особено важно е вашите постапки во сообраќајот да бидат најавени, очекувани и предвидливи. Согласно тоа, редовно користете трепкачи и избегнувајте нагли дејствија, како нагло свртување, нагло запирање, забавување или забрзување на возилото.

       •  Возете внимателно во услови  на магла.   Секогаш кога се движите низ магла, прво намалете ја брзината и  вклучете ги соборените  светла и светлата за магла (доколку поседувате). Почитувајте ги ограничувањата на брзината и не престигнувајте се до моментот кога вашето видно поле не стане чисто и прегледно, а вашето престигнување безбедно.

        •  Внимавајте на одрони на патот. Одрони на пат, наноси на земја, песок, камења на патот, итн. во овој период од годината е карактеристична појава  што може да биде многу опасна за сообраќајот.  Затоа возете внимателно и намалете ја брзината, особено ако возите во услови на дожд, во планински предели или во други непознати области  каде што не ги знаете доволно карактеристиките на патот и патната околина.

         •    Направете техничка проверка на возилото. При зимски услови на патот, посебно важно е да управувате технички исправно возило. Искуствата покажуваат дека при ниски температури и влажни и лизгави коловози  на површина излегуваат сите неисправности на возилото. За ваша безбедност, за безбедно и непречено пристигнување на посакуваната дестинација, направете  редовна зимска проверка на возилото,  со посебен акцент на проверка на системот за управување, системот за запирање, пневматиците, електрониката, итн.

РСБСП уште еднаш потсетува дека безбедноста во сообраќајот зависи од сите нас поединечно. Доколку сите бидеме внимателни и одговорни во сообраќајот, доколку сите ги почитуваме сообраќајните правила и прописи,  бројот на сообраќајни незгоди и бројот на загинати и повредени лица во сообраќајни незгоди  значително ќе се намали.

#ОДТЕБЕЗАВИСИ!   #БИДИОДГОВОРЕНВОЗАЧ