29/03/2024
Дебрца

Ногачески: Советот на општина Дебрца не ја прифати одлуката за давање согласност за основање на регионална депонија

Градоначалникот на општина Дебрца, Зоран Ногачески, денес одржа прес-конференција, на која информира дека Советот на општина Дебрца, едногласно не ја прифатил одлуката за давање согласност за основање на регионална депонија и потребната инфраструктура за Југозападниот плански регион од страна на Владата на Република Македонија.

„Сакам да ги информирам граѓаните на општина Дебрца и пошироката јавност дека Советот на општина Дебрца, на седницата одржана на ден 10.04.2018 година, манифестирајќи натпартиска сплотеност, едногласно не ја прифати одлуката за давање согласност за основање на регионална депонија и потребната инфраструктура за Југозападниот плански регион од страна на Владата на Република Македонија. Советот на општина Дебрца, како претставнички орган на граѓаните на Дебрца не е против Проектот на Министерството за животна средина и просторно планирање за воспоставување на интегриран и финансиски самооддржлив систем за управување со отпад во Југозападниот плански регион, ниту би бил против преземањето на ингеренциите од страна на Владата на Република Македонија во сосема други околности, туку само во целост ја почитува волјата на граѓаните на Дебрца, изразена преку референдумската одлука, односно јасно изразената волја против предложеното решение, според кое за локација за изградба на регионалната депонија за Југозападниот плански регион се предлага атарот на село Годивје, општина Дебрца. Никој, ниту советот на општината, ниту градоначалникот немаат право да ја дерогираат волјата на граѓаните, изразена преку најдемократскиот облик на лично изјаснување.“- истакна Ногачески.

Како што кажа Ногачески, за граѓаните на Дебрца, но и за пошироката стручна јавност, решението за регионална депонија да го бараат во срцето на Дебрца, не може да се оправда со ниту еден сериозен факт, а најмалку со игнорирање на нејзините жители.

„Сите овие документи за воспоставување на регионален систем за управување во Југозападниот плански регион се донесени во крајно нетранспарентна постапка, без да се слушнат мислењата на засегнатите страни, стручната јавност, еколошките организации и граѓаните. Во нив го нема мислењето на ЈНУ Хидробиолошкиот Завод Охрид, Управата за заштита на културното наследство, Комисијата за управување со светското природно и културно наследство во Охридскиот регион, Националната комисија за УНЕСКО. И самите документи еден со друг се во колизија. Во Регионалниот план за управување на отпад, изработен во 2016 година, на страница 276 и 277, како локација за депонијата се предлага затворениот рудник за лигнит во Осломеј, Кичево, (Дебрца воопшто не се споменува), а во другите документи, изработени во 2017 година се предлага Годивје, Дебрца.“- рече Ногачески.

Градоначалникот Ногачески, потенцираше дека во време на се поголема еколошка свест кај граѓаните во светот, во време на силни акции за заштита на планетата Земја и кампањи за враќање на луѓето во руралните средини, заради нивната чиста и здрава природна средина несфатливо е со еден ваков проект да одите во обратна насока и да го загрозувате еден од малкуте преостанати еколошки чисти региони во Македонија.

„Во нашата стратешката определба и визија за Дебрца нема место за проектот што го предлага Министерството за животна средина и просторно планирање, туку за идеи кои го промовираат еко капацитетот на Дебрца, како што се развојот на рурален туризам, здравствен и рекреативен туризам, производство на органска храна.“– истакна Ногачески.

Ногачески уште еднаш го повика Министерството за животна средина и просторно планирање да отвори нова дебата и расправа по ова прашање, која ќе биде транспарентна, со вклученост на сите засегнати страни.

„Ги повикувам и охрабрувам, стручната јавност, екологистите, еколошките здруженија и граѓаните да го изнесат својот став по ова прашање. Ги повикувам пратениците во Собранието на РМ од овој регион да го изнесат својот став. Посебно, ги повикувам членовите на Советот и Градоначалникот на општина Охрид јавно да го кажат своето мислење. Нека не забораваат дека Дебрца е главната порта за влез во Охрид, Дебрца се белите дробови на Охрид. Ние не се плашиме од нова и транспарентна дебата. Сите аргументи се на нашата страна. Аргументи ЗА Дебрца да остане чиста и незагадена и секогаш да пружа одмор, мир, чистота и револуционерност, не само на нас, туку и на сите прогресивни луѓе од Македонија и надвор од неа.“ – додаде Ногачески.

WebOhrid