19/04/2024
Македонија

Нов проект на ЦИВИЛ „Заедно за подобра иднина“ за промоција на мултикултурализмот и европските вредности

ЦИВИЛ почна со имплементација на новиот проект „Заедно за подобра иднина“ со поддршка од Министерството за надворешни и европски работи на Големото Војводство Луксембург, за промоција на мултикултурализмот и европските вредности во земјата. Проектот предвидува низа активности за поттикнување на позитивни промени во општеството и поттикнување на заедниците да работат заедно за подобра иднина. 

Овој проект се надоврзува на достигнувањата на претходни проекти и подразбира промоција на почитувањето на културните, етничките и верските различности во Северна Македонија, со посебен фокус на младите, како и поддршка на владините стратегии за мултикултурализам, еднаквост и недискриминација.  

Во текот на годината, пред ЦИВИЛ е навистина динамична агенда со активности низ целата земја, и ќе ја интензивира соработката со институциите на национално и локално ниво, граѓанските организации, медиумите, образовните институции и носителите на одлуки во различни области на општествениот и политичкиот живот. Тоа подразбира и динамична интеракција со политичките партии, верските заедници, неформалните граѓански и политички групи, како и бизнис заедницата. Но, најмногу од сè, ЦИВИЛ ќе се потпре на граѓанската поддршка од целата земја.  

Меѓу големиот број на активности, спаѓа и организирање на креативни конкурси за деца од училишна возраст, како и серија настани низ земјата на која ќе се одржат и церемонии за доделување награди на победниците на тие конкурси.  

Преку својата медиумска платформа, ЦИВИЛ ќе придонесе кон разбирањето и деконструкцијата на националистичките наративи, ќе предложи начини за надминување на поделбите, и прифаќање на мултикултурализмот и европските вредности во општеството.  

“Нашиот став останува ист. Ние ќе продолжиме со испраќање на силни пораки против национализмот и против поделбите и омразата. Македонското општество е мултикултурано, мултиконфесионално и мултиетничко. Тоа е убавината на нашето општество и во тоа има огромен потенцијал. Различностите претставуваат потенцијал за просперитет и добробит на сите поединци и заедници во општеството, вклучително и во економијата, социјалната правда, културата, образованието и многу други области. И… Тоа е Европа“, соопштуваат од организацијата по повод почетокот на проектот.  

ЦИВИЛ има цел да ја зајакне јавната свест за придобивките од мултикултурното општество, недискриминацијата и почитувањето на човековите права и слободи, во согласност со европските вредности. Проектот ќе придонесе кон подобрување во областа на односите меѓу заедниците во земјата, како и спротивставување на културата на поделби и омраза.  

„Нашето општество мора да се спротивстави на радикалните националистички тенденции и треба да остане водечки пример за мултикултурализам и пошироко. Треба да работиме заедно, за подобра иднина, за мир и просперитет. Нашите различни култури, традиции и јазици можат да нè збогатат во секоја смисла на зборот“, изјави претседателот на ЦИВИЛ, Џабир Дерала.  

Организацијата останува отворена за учество, прашања и коментари во контекст на проектот.


WebOhrid / 10.03.2023 / ЦИВИЛ