25/04/2024
ОхридСтруга

Нов проект во Охрид и Струга „И старите можат“

Локалната Агенција за Развој од Струга, информира дека започна со спроведување на нов проект чија целна група се возрасни лица над 60 години од општините Охрид и Струга. Проектот ќе се реализира до мај 2017 и предвидува бесплатни психофизички вежби изработени специјално за повозрасни лица, предавања од областа на медицината и курсеви за приготвување здрава храна. 

Зошто проект за повозрасни лица?

Македонија старее. Во моментов има 300.000 пензионери во Македонија. Возрасните лица живеат сами или со фамилиите во семејните куќи. Нивната социјализација е ограничена на поблиската фамилија (доколку имаат среќа фамилијата да им е блиску) и соседите. Голем дел од старите лица во Охрид се осамени бидејќи децата им се во странство и доаѓаат многу ретко. Охрид е град со најголема стапка на иселување во Македонија (податоци од Држ.Завод за статистика). Секојдневието на овие лица е исполнето со многу предизвици, бидејќи се ограничени во движење (поради болест, изнемоштеност). За многу од обврските (како набавка на храна и плаќање на сметки) зависат од други луѓе, а не ретко се и жртви на семејно насилство каде им се одзема пензијата и тие немаат можност да управуваат сами со своите средства. Поради сето ова, голем дел од старите лица се повеќе се повлекуваат, се изолираат и се склони кон депресија покрај останатите здравствени проблеми кои ги имаат.

А старите лица кои се во добра форма, најчесто не ги гледаат своите потреби туку се гледаат себеси како припомош на фамилијата додека се во состојба да помагаат. Не грижејќи се за себеси, своето здравје, тие побрзо се доведуваат во немоќна состојба и потоа зависат од милоста на фамилијата/роднините или се оставени сами на себе.

Овој пот-проект се спроведува во рамки на Регионалниот проект „Преземање на акција за социјална инклузија на старите лица” финансиран од Европската унија, со финансиска поддршка на Австриската агенција за развој и Австрискиот црвен крст.