НовАсном: Неодамнешната, втора Тиранска средба, впрочем како и првата, е врвен непријателски чин кон Република Македонија и македонскиот народ

Организацијата НовАсном смета дека неодамнешната, втора Тиранска средба, впрочем како и првата, одржана пред пет години е, врвен непријателски чин кон Република Македонија и македонскиот народ. НовАсном категорично се спротиставува на секоја политика формулирана и креирана надвор од Република Македонија што, ги задира националните интереси на македонскиот народ но и на сите останати граѓани на Републиката.  

Органицијата НовАсном смета дека, состанокот на албанските партии од Македонија кај премиерот Еди Рама во Тирана-Албанија, е во насока на јакнење на  меѓуетничкиот раздор и разгорување на етничка нетолеранција и недоверба помеѓу Македонците и Албанците во Македонија. Се сомневаме дали македонските партии, пред се СДСМ, имаат точен и искрен податок од албанските политички лидери пред се од коалициониот партнер ДУИ, што точно се разговарало за иднината на државата и какви тоа „визии“ биле на политичкото „мени“ на масата на Еди Рама. Токму поради тоа, расте недовербата кај Македонците кон Албанците 

Истовремено прашуваме зошто македонските партии, сите до една, конечно веќе еднаш не седнат на заедничка маса и зошто, за македонската иднина да разговараат албанските партии во Тирана а не и македонските партии во татковината, во Република Македонија?  Зошто македонските партии, сите до една, не манифестираат единство за клучните суштински и стратешки прашања и зошто немаат македонски „братски“ дијалог за иднината на Република Македонија? И најважното прашање: Зошто македонските и албанските партии во Република Македонија, сите до една, не седнат на заедничка маса, дома-тука во Скопје, да разговараат за македонската иднина, заеднички да „стокмат“ агенда во која, заеднички ќе ги детерминираат македонските интереси и приоритети за успех на нашата заедничка иднина? Зошто, браќа Македонци, конечно веќе еднаш, заеднички и братски, не порачаме: И без Македонците, нема Македонија? 

Организацијата НовАсном смета дека оваа ненародна и одродничка власт, ја обезличи Република Македонија и насилно и предавнички ја прифати срамната географска одредница, Северна. Повикуваме и сакаме мирољубив соживот, базиран на почитување на законите и основните човекови права на сите граѓани на Македонија, на зачувувањето на македонското достоинство и дигнитетот, зачувување на македонскиот јазик и македонскиот идентитет.  

Ове е генерациски предизвик пред кој, заеднички и братски треба цврсто исправени да стоиме. Тоа е нашата праведна  борба против одродниците и сите оние кои неправедно ни го одзедоа најсветото и вековното. Тоа е нашата праведна  борба за слободна и независна македонска држава за нас и нашите идни генерации.


WebOhrid / 14.01.2023 / НовАсном