НовАсном: Почитување, а не рушење на правната држава

„Организацијата НовАсном со особено внимание ги следи настаните кои се одвиваат околу контроверзниот охриѓанец Христијан Пендиков, кој постана „славен“ по кривичната пријава од полицијата за кокаин и секако, по неговата нелегална евакуација и транспорт до Бугарија, а посебно, срамната реакцијата на Македонските владини претставници.   

Од целата оваа политичка гротеска се извлекуваат минимум три заклучоци: 

Во име на Европската перспектива и т.н. добрососедски односи потенцијално се руши правната држава. Носење на криминалецот Пендиков во Бугарија автоматски, ги блокира или лимитира нашите истражни органи да си ја вршат својата работа. Оваа ситуација е непожелна, каде што нашите политичари задоволуваат туѓи политички апетити во име на Европската перспектива која води кон т.н. правна држава, а при тоа рушејќи го нашиот правен систем. Апсурд.   

Дава еден мал приказ каква ќе биде идната бугарска политика кон нашиот т.н. Европски пат и доколку се дозволат Уставните Измени и вметнување на Бугарите во нашиот Устав. Целиот бугарски политички ешалон ја користи секоја можност за остварување на своите асимилаторски и нацистички политики насочени против Македонската нација за да можат да не уценуваат, доминираат во нивната политика против нас и нас да не стават во подредена положба.      

Уште еднаш се потврди лицемерната политика на македонската Влада и претседателот Пендаровски, кој минатата година тврдеше дека Гоце Делчев имал бугарски корени и со тоа, само ја охрабруваше па дури и поттикнуваше екстремната бугарска политика према нас за да денеска, предлага забрана за влез во државата на бугарски политички претставници. Потпишувањето на договорот за пријателство со Бугарија е погрешна политика на нашата влада вклучуивајќи го и претседателот Пендаровски  и со тоа им дава ветар во грб на екстремните бугарски барања и политики да бидат норма.   

НовАсном се залага за почитување на правната држава, законите и правниот поредок без исклучок а реформите кон вистинско постигнување на правна држава треба да бидат дел од политиките на владата без разлика дали тоа е дел од Европската агенда или не.“ – стои во соопштението од НовАсном.


WebOhrid / 25.01.2023 / НовАсном