29/03/2024
Македонија

НовАсном: Прво признавање на Македонците во Бугарија па нов добрососедски договор

„НовАсном претставува организација која ги поддржува меѓународните договори што одат во прилог на зачувување на мирот, стабилноста и просперитетот на Балканскиот Регион.

Во таа насока, очекувавме дека Договорот за добрососедство, пријателство и соработка меѓу Македонија и Бугарија, по примерот на добрите европски практики, ќе се се базира на целосно меѓусебно почитување на основните човекови права и идентитетските различности, ќе биде цврст мост за имплементација на вистинските европски вредности и ќе отвора вистински перспективи за граѓаните на двете земји.

Очекувавме дека договорот за пријателство со Бугарија, во основата, ќе ги има човековите права како основна вредност врз која почиваат заемното почитување на различните нации и држави, и ќе претставува добра основа за одржлив и долгорочен договор за искрено пријателство меѓу два народи и држави. Место тоа добиваме неразумни, нецивилизирани и неевропски барања и уцени, што практично значат крај на постоењето на македонскиот народ и блокада на нашиот пат кон ЕУ.

Имајќи предвид дека Бугарија има 14 пресуди од Судот за човекови права во Стразбур за кршење на основните човекови права на Македонците во Бугарија, се поставува прашањето за фундаментот на функционирањето на Европската Унија во доменот на човековите права на поединецот или групите кои се одделуваат од мнозинството единствено поради нивното декларирање како различни, во контекст на нивната национална или верска припадност.

Република Бугарија ја користи инертноста на Европската комисија која не ги почитува и не ги имплементира законите на Европската Унија, не санкционирајќи ја Бугарија за кршењето на човековите права на Македонците во Бугарија. Република Бугарија го следи примерот на Грција и понижувачкиот Преспански договор како модел за решавање на нејзините национални интереси на сметка на македонските.

Ние, од НовАсном ги почитуваме правдата, владеењето на правото и можноста за самоидентификација, и очекуваме Европската комисија не само да ја советува Македонија како да ги почитува законите и владеењето на правото, туку Европската комисија мора да ги почитува своите, имено, европските закони и владеењето на правото и да имплементира соодветни санкции кон Република Бугарија за кршењето на човековите права на Македонците во Бугарија. Можноста за санкции кон Република Бугарија ѝ е дадена на Европската комисија минатиот декември и ние очекуваме тие да бидат иницирани и имплементирани.

Имајќи ги предвид 14-те пресуди против Република Бугарија, како и инертноста на Европската комисија да ја санкционира Бугарија за кршењето на човековите права на Македонците, НовАсном смета дека е потребно итно раскинување на договорот за добрососедство со Република Бугарија сè додека Република Бугарија не ги имплементира 14-те пресуди на Судот за човекови права од Стразбур.

Почитувањето на основните човекови права на Македонците во Бугарија би претставувало добра основа за нов меѓудржавен и добрососедски договор меѓу Република Македонија и Република Бугарија.

Во меѓувреме, потребна е итна имплементација на структурните реформи во Република Македонија, во судството, јавното обвинителство, јавната администрација, како и во уставниот суд, кои ќе резултираат со градење правно општество каде што секоја индивидуа ќе има еднакви можности за просперитетен живот во здрава животна средина.“ – стои во соопштението од НовАсном.