20/04/2024
Македонија

„Новиот културен бран“ со наплив во Ресен

Синоќа во Домот на културата „Драги Тозија“ во Ресен се одржа концертот со наслов „Германска вечер“, на кој настапија Ана Ројдева Талевска – сопран, во пијано придружба на Андреј Наунов. Пред ресенската публика тие изведоа дела од Франц Шуберт, Роберт Шуман, Јоханес Брамс, Франц Лехар и Јохан Штраус.

„Голем дел од проектите кои беа поддржани од Министерството за култура со Новиот културен бран, деновиве се одржуваат во Ресен. На овој начин ресенската публика има можност да погледне дел од концертите и настапите на големи музички имиња. Публиката синоќа уживаше во настапот на сопранот Ана Ројдева Талевска, заедно со нејзиниот колега Андреј Наунов, во изложбениот салон на Домот на културата „Драги Тозија“, кој како простор е идеален за одржување на вакви концерти поради природната акустика. Во текот на денот учениците од Ресен учествуваа на работилницата „Џез фабрика“, на музичарот Сашо Поповски, кој рече дека главната цел на овој проект е да се развие инвентивна работилница каде што учесниците можат да создаваат современи музички форми“, – рече директорот на Домот на културата „Драги Тозија“, Васко Василевски.

Културните настани продолжуваат и вечерва. Во кино салата со почеток во 20 часот ќе се одржи кабаре концертот „Јаболки и круши за уметнички души“ на Мијата, а покрај неа на сцената ќе се појави и Мето Јанакиевски, физички тетар и пантомима.