19/04/2024
Охрид

НУ Библиотека „Григор Прличев“ и Црвен крст со проект „Книгата поблиску до старите лица“

Во рамките на одбележувањето на Неделата на грижа за стари лица денеска во посета на НУ Библиотека „Григор Прличев“ од Охрид беа членови на координативното и оперативното тело на програмата Грижа за стари лица „Најди време“ од Црвен крст – Охрид.

Во пријатен и срдечен амбиент вработените во Библиотеката и претставниците на Црвениот крст ги договорија конкретните активности за веќе отпочнатиот заеднички пилот – проект со наслов: „Книгата поблиску до старите лица“.

Според зборовите на директорот на Библиотеката м-р Милчо Јованоски и Горка Донеска координaторката на проектот Грижа за стари лица во наредниве три месеци лицата кои од разни причини не можат да дојдат да земаат книга во Библиотеката а сакаат да читаат ќе бидат бесплатно зачленети а книгите од Библиотеката до нивниот дом и назад преку проектот ќе им ги дистрибуираат младите волонтери од Црвен крст – Охрид

Списокот со заинтересирани лица кој всушност ќе може да биде бесплатно зачленет заедно ќе го направат Библиотеката и Црвен крст.

На средбата сите присутни ја поздравија оваа благородна идеја и сега останува таа да се реализира во пракса. Доколку се покаже успешна а нема сомнеж дека нема да биде така, Библиотеката и Црвен крст ќе подготоват подолгорочен проект кој ќе биде претставен пред меѓународни и домашни донатори.


WebOhrid / 21.11.2022 / НУ Библиотека