29/03/2024
Охрид

НУ Библиотека „Григор Прличев“ утре ќе го одбележи Светскиот ден на книгата

По повод 23 Април Светскиот ден на книгата и авторското право утре во 12 часот во охридската библиотека ќе се одржи пригодна свеченост со богата и интересна програма.

Најпрво пред присутните ќе бидат прочитани пораките на Одре Азуле, генералниот директор на УНЕСКО, а потоа и македонската порака која годинава ја напиша познатиот режисер, писател и фотограф Милчо Манчевски.

Ќе следи презентација на вработените од Одделот за издавање и позајмување на книги при библиотеката под наслов: Што најмногу читаат охриѓани, а ќе биде објавена и топ листата на најбараните и начитани домашни и светски автори и дела.

Утре во чест на празникот пригодни награди во книги и благодарници ќе добијат најредовните тројца читатели во одделот за возрасни, како и авторите на трите најдобри стихови од манифестацијата: „Напиши стих – купи кафе“ која библиотеката годинава по втор пат ја организираше во соработка со култната кафетерија „Аквариус“ и ФОН универзитетот.

Настанот ќе биде искористен библиотеката да донира книги на 10 библиотеки кои се во рамките на основните училишта во Охрид и Дебрца, а се добиени по пат на годинашната акција: „Подари – размени книга“ спроведена во соработка со студентите од факултетот за странски јазици од ФОН.