25/04/2024
Охрид

НУ Библиотека „Григор Прличев“: Виртуелно го славиме Светскиот ден на книгата и авторското право

Под покровителство на УНЕСКО, 23 април е прогласен за Светски ден на книгата, за првпат прославен во 1995 година.

Датумот има цел да ги промовира книгите, да ги поттикне издавачите и да укаже на заштитата на авторското право.

23 април (Денот на розите) е неслучајно одбран како датум уште во далечната 1923 година во Шпанија, кога продавачите на книги меѓусебно се договориле да му искажат почит на познатиот автор на „Дон Кихот“ – Мигел де Сервантес, кој починал токму на оваа дата. Идејата поттикнала менување книги наместо рози, како што проповедала дотогашната традиција за Празникот на розите.

Подоцна, во 1995 година, УНЕСКО се решава да го официјализира датумот како Светски ден на книгите, поради Каталонскиот фестивал во Шпанија, смртта на Мигел де Сервантес, но и смртта на Вилијам Шекспир, токму на истиот овој датум.

Ние од НУ Библиотека „Григор Прличев“ од Охрид годинава празникот го одбележува виртуелно поради пандемијата со Ковид – 19, во надеж дека наскоро ќе го победиме невидливиот непријател и дека за брзо ќе ја отвориме вратата на библиотеката за Вас драги читатели.

Традиционално УНЕСКО на овој ден ја објавува Светската порака посветена на книгата. Во неа меѓу другото се вели: – Денес, повеќе од кога и да било, во време кога училиштата се затворени ширум светот и кога луѓето се во изолација, моќта на книгите треба да овозможи да се бориме против осаменоста, да ги засили врските меѓу луѓето и да ги прошири нашите видици, притоа стимулирајќи го нашиот дух и нашата креативност.

          Во текот на месецот април, како впрочем и низ целата година, многу е важно да се најде време за читање, самиот за себе или со децата. Ова е вистински миг да се истакнува читањето, да ги воспитуваме децата како идни читатели, да им ја пренесеме љубовта кон литературата, која ќе трае целиот нивни живот.

Македонската порака посветена на празникот на книгата и авторското право годинава ја напиша проф. д-р Методи Чепреганов, невропсихијатар и носи наслов: „Умот царрува, а книгата го храни“. . Д-р Чепреганов вели: Денес, невронауката ја потврди архитектурата на нашиот психо-профил, со богатство на знаење што сме го внеле во нашите мемориски записи. Прашањето е кој ја оформува, осознава и инкорпорира менталната и емоционалната интелектуална зрелост на нашата личност? Има само еден одговор. Книгата и богатиот резервоар на знаења. Книгата ни го евоцира минатото и таа меморија нè насочува со поуки; книгата ни ја проектира и осмислува иднината, како реална надеж, која со ум, знаење и работа, треба да ја оствариме и обистиниме и конечно книгата нè учи и нè држи под контрола како да го живееме мигот. Најголемото слепило за една личност е ако книгата не му е пријател и секојдневен сопатник. Таа го храни, го оживува, му ја покажува насоката на неговото постоење, ги орнаментира и збогатува неговите мемориски квалитети и конечно му го осмислува и покажува начинот и насоката на неговата креација, живот, однос со околината, знаење, почит, духовност и постоење. Книгата е изворот, фундаментот и светлината во животната филозофија на нашата секојдневна егзистенција. Дружете се со неа и почитувајте ја како секојдневна насушна храна, којашто ќе ви го збогати умот и животот, порачува д-р Чепреганов.