25/04/2024
Македонија

Oбемна полициска операција на Европол “Денови на заедничка акција“

Во рамки на меѓународната полициска соработка координирана од страна на Европол, а насловена како “Денови на заедничка акција (Joint Action Days – JAD)“ во почетокот на месецов, поточно од 05 до 09 септември, преку воспоставувањето на координативен центар во седиштето на Европол во Хаг, беше спроведена обемна полициска операција за борба против криминалот кој потекнува од регионот на западниот Балкан.

Акцијата која што практично беше фокусирана на подрачјата од гранични премини во повеќе земји од ЕУ и од земјите на западниот Блакан, резултираше со приведување на 180 лица осомничени за трговија со дрога, за криумчарење мигранти, за трговија со оружје, за измами и други кривични дела. Истовремено, во рамки на таа полициска операција во која беа ангажирани и над 8.000 полициски службеници од полициски служби како од земјите на западен Балкан, така и припадници на полиции од двесетина земји членки на ЕУ, беа запленети околу 160 парчиња разновидно оружје и експлозиви, речиси 1.500 парчиња муниција од различен калибар, а откриени и запленети беа 286 килограми дрога, неколку стотици илегални мигранти и друго.

Инаку, во Координативниот центар на Европол во Хаг каде што од страна на Европската мултидисциплинарна платформа за борба против закани од криминал (EMPACT Firearms) и Европол беше координирана и спроведувана целата акција партиципираа 44 службеници од мнозинството земји учеснички, како и претставници од Фронтекс и од Интерпол. Притоа од Фронтекс дополнително беа ангажирани уште 56 претставници кои на терен работеа заедно со полициски службеници. Во рамки на акцијата беа контролирани речиси половина милион граѓани, огромен број возила и простории.