16/04/2024
Македонија

Објавен јавен повик за проектни идеи за реализација на стратешки проект за прекугранична соработка меѓу Северна Македонија и Албанија

До 1-ви август е отворен јавниот повик за проектни идеи за реализација на стратешки проект во рамките на ИПА Програмата за прекугранична соработка меѓу Северна Македонија и Албанија. Средствата ги обезбедува Европската Унија. По двата веќе објавени јавници повици, на располагање има уште 4 милиони и 930 илјади евра. Дали средства ќе бидат апсорбирани за реализација на еден или повеќе стратешки проекти ќе зависи од проектните идеи кои што ќе можат да бидат доставувани до 1-ви август годинава, соопшти на денешната прес конференција министерот за локална самоуправа Сухејл Фазлиу.

– За првиот јавен повик во рамките на Програмата за прекугранична соработка меѓу Северна Македонија и Албанија беа резервирани 2,9 милиони евра, за вториот исто 2,9 милиони евра и за стратешкиот проект, како што реков се резервирани скоро 5 милиони евра. Во првиот повик беа одобрени и се во фаза на реализација 9 проекти, а проектните апликации од вториот повик се во фаза на оценување. Сега е актуелен третиот повик за проектни идеи за стратешки проект.

Ги повикувам сите заинтересирани субјекти, вклучително и институциите да покажат интерес и да понудат проектни идеи за решавање на суштински и приоритетни прашања во овој пограничен регион, што ќе има директно влијание на неговиот развој и на квалитетот на живеење на граѓаните, рече министерот за локална самоуправа, Сухејл Фазлиу.

Со Програмата за прекугранична соработка меѓу Северна Македонија и Албанија се опфатени пелагонискиот, полошкиот и југозападниот плански регион, а во Албанија регионите на Корча, Елбасан и Дибра. Стратешкиот проект, територијално, би требало да биде имплементиран во тие рамки и да решава проблем на граѓаните кои што живеат во пограничниот регион.

Согласно критериумите проектните идеи треба да се однесуваат на следните области:

-Поттикнување на туризмот и заштита на културното и природното наследство
-Зајакнување на конкурентноста, бизнисот, трговијата и инвестициите, и
-Заштита на животната средина, превенција од климатските промени, превенција и управување со ризици.

Министерот Фазлиу истакна дека тематските области се широки, што остава простор за голем број на различни проектни идеи. Ќе бидат организирани и четири информативно-консултативни сесии во Скопје, Тетово, Тирана и Корча во првата половина на месец јуни, со цел да се обезбедат детални информации и пректични совети за подготовката и поднесувањето на апликациите. Дополнителни четири сесии ќе бидат организирани во втората половина на јуни, за што навреме ќе бидат информирани сите заинтересирани субјекти.