25/04/2024
Македонија

Обраќање на Иванов по повод доделувањето на признанието „Најдобар млад научник“ за 2017 година на Сретен Давидов

Почитувани присутни, Дами и господа,

Како Претседател на Република Македонија ми претставува чест и задоволство да ви се обратам по повод доделувањето на признанието „Најдобар млад научник” со кое се вреднуваат врвни научни достигнувања во една календарска година.

Пред само четири дена го посетив Музејот „Рахми Коч” во Истанбул. Овој импозантен музеј на индустријата има збирка од илјадници и илјадници експонати, од игла до локомотива, кои сведочат за неверојатната иновативност и креативност на човековиот ум и дух.

Музејот е вистинско огледало на трите индустриски револуциии. Првата индустриска револуција која со парната машина го механизираше производството. Втората индустриска револуција која со електричната енергија и производната лента создаде масовно производство. И, третата информатичка револуција која го автоматизираше производството.

Шетајќи низ историјата на технологијата, можеме да увидиме дека секоја од трите индустриски револуции завршува со потреба од нов почеток, од нова револуција. Има и добра причина за тоа. Секоја од нив започнала со љубопитност, креативност, инвентивност и желба за знаење, а завршила со комерцијализација на иновациите и изумите.

Можеби нема подобар пример за оваа динамика од војната на струите што се водела кон крајот на 19 век. Иако во оваа војна победи изумот на Тесла – наизменичната струја, сепак, на крајот домнираше претприемничкиот дух на Едисон.

Нештата и денес не се променети. Многу од изумите на третата индустриска револуција веќе се комерцијализирани. Се има чувство дека плафонот е веќе достигнат, и дека актуелните производи и решенија се само варијации на иста тема од која најголема корист имаат корпорациите. Некои сметаат дека во Европа денес има премногу Едисони а премалку Тесли, што полека доведува до состојба на безидејност.

Но, токму во такви услови, одновно гледаме надеж. А надежта лежи во една посебна група на луѓе кои се присутни во секое општество и држава. Британскиот филозоф на историјата Арнолд Тојнби нив ги нарекува креативно малцинство. Улогата на креативното малцинство е да изнаоѓа иновативни решенија за предизвиците со кои се соочува нивното општество, нивната држава и цивилизацијата. Размислувајќи надвор од шаблоните креативното малцинство ја менува парадигмата на мнозинството и создава услови за нов начин на живот. Некреативното мнозинство, од своја страна, ги прифаќа и имитира овие идеи.

Почитувани пристуни,

Денеска сме собрани за да му оддадеме признание на еден млад член на тоа креативно малцинство од Република Македонија кој твори на полето на електротехниката. А тоа е д-р Сретен Давидов.

На мое големо задоволство дознав дека д-р Давидов се нафатил да придонесе кон решението за еден од најгорливите проблеми на нашиот град, а тоа е аерозагадувањето. Секоја година се гушиме во смогот кој е последица на човековата неодговорност кон себе и кон животната средина. Тоа е сериозен предизвик што не може да се реши само со конвенционални политики и процедури кои произлегуваат од старата парадигма на неодржлив развој. Овој предизвик подразбира промена на парадигмата, а со тоа и промена на начинот на живот. Креативното решение што д-р Давидов го нуди се електричните возила, односно, ползувањето на чистата енергија – електричната енергија која не ја загадува околината. Поконкретно, тој го обмислува оној суштински важен дел – а тоа е оптимално решение за избор на локации за поставување на станици за полнење.

За важноста од сево ова зборува фактот дека компанијата „Тесла” само во Европа има 1229 станици со 9623 брзи полначи. Од друга страна, „Анјонити”, заедничката фирма на европските производители на 17 април ја отвори својата прва станица за полнење во Германија. Нивната цел е да воспостават мрежа на станици од Норвешка до југот на Италија, и од Португалија до Полска. И, за разлика од „Тесла”, „Анјонити” користи стандардни, европски полначи кои со 350 киловати се за три пати посилни од Теслините.

Верувам дека ова ќе биде клучен чекор кон големата и неопходна трансформација на Скопје, па и секој град во Република Македонија во она што се нарекува smart city или паметен град. И, верувам дека д-р Давидов ќе се согласи со констатацијата дека најважното нешто за животот во smart city ќе биде што подолго да ви траат батериите на вашиот smart phone и вашиот електричен автомобил.

Како и повеќето добитници на ова признание, и д-р Давидов својата кариера ја гради надвор од Република Македонија. И тука морам да потенцирам нешто. Од една страна сме горди што како држава продуцираме врвни научници кои се барани во странство. Но, од друга страна, засрамени сме што како држава не успеваме да ги задржиме нашите научници. Најуспешни не се оние држави кои продуцираат високовалитетни кадри. Најуспешни се оние кои продуцираат вакви кадри и им овозможуваат да се вратат и останат во матичната земја.

Останува интензивно да работиме на подобрување на условите за работа. Треба да продолжиме да инвестираме во образованието, но и да работиме на подготвеноста на институциите и корпоративниот сектор да ги препознаат и прифатат младите таленти и да им овозможат натамошен напредок и развој.

Драги пријатели,

Како човештво веќе зачекоривме во четвртата индустриска револуција која прави симбиоза на физичкиот, дигиталниот и биолошкиот свет. Благодарение на нашите креативци, пред очи гледаме како некогашната научна фантастика денес станува фантастична наука. Многу од технологиите и уредите кои денес ги сметаме за апсолутно незаменливи, наскоро ќе се најдат на музејските полици. А, можеби д-р Давидов ќе помогне еден од тие експонати да бидат возилата на фосилни горива.

На самиот крај, им благодарам на членови на Комисијата и на рецензентите кои дадоа непроценлив придонес во процесот на избор на најдобар млад научник. Им благодарам и на оние медиуми кои информираат за овој настан и покажуваат дека и добрата вест може да биде вест.

Дозволете на крајот, на д-р Сретен Давидов, но и на сите други млади научници, кои беa дел од Конкурсот за избор на најдобар млад научник за 2017, да им посакам многу успех и долгогодишна плодна научна работа.

Ви благодарам.