24/04/2024
Македонија

Обраќање на Претседателот Иванов на приемот за членовите на дипломатскиот кор, акредитирани во Република Македонија

Обраќање на Претседателот Иванов на приемот за членовите на дипломатскиот кор, акредитирани во Република Македонија

Почитувани членови на дипломатскиот кор,

Дами и господа,

Драги пријатели,

На почетокот на новата 2018 година, чест ми е да ве поздравам во Гевгелија и да ви посакам вам и на вашите држави и организации многу успех.

Пред 10 дена се наврши еден век од познатите 14 точки на Американскиот претседател Вудро Вилсон. 14-та од точките е посветена на потребата од формирање на универзална асоцијација меѓу нациите со цел да се обезбедат взаемни гаранции за политичка независност и територијален интегритет како за големите така и за малите држави.

Лигата на народите го трасираше патот за Обединетите нации. На нашиот европски континент таа визија се оствартуваше низ Европската Унија како мировен проект. Со својата политика на проширувањето Унијата успеваше да ги мотивира нашите држави доброволно да се реформираат, трансформираат и европеизираат.

Изворот на оваа благородна визија е во Кантовиот концепт за траен мир. А сепак токму Кант признал дека „ниту едно исправно нешто не било направено од кривото стебло на човештвото.” Тоа се однесува и на неговиот траен мир.

Ако на светот погледнеме со трезвени очи ќе видиме дека идеите содржани во Повелбата на Обединетите нации се уште се само идеали, почитувањето на меѓународното право е исклучок наместо правило, а принципите на Европската Унија и НАТО се поткопани поради двојните стандарди.

Сево ова придонесе и минатата 2017 година да биде исполнета со бројни политички и економски предизвици и безбедносни ризици и закани.

На Блискиот Исток ИСИС ја губи територијата. Воениот пораз, за жал, нема да значи и конечен пораз на радикалната идеологија која е закана за слободните и демократски европски општества. Затоа, неопходно е да ја зајакнеме безбедносната соработка и координација. Позитивен пример за ваква соработка имаме и недалеку од тука. На само неколку километри јужно од Гевгелија, македонската армија и полиција заедно со полициските службеници од партнерските европски земји ја чуваат Европа од заканата од илегалната миграција.

Во вакви услови, нашиот европскиот континент се движи меѓу обединување и фрагментација. Мултилатералната соработка им отстапува место на билатералните договори како инструмент за промовирање на интересите.

На Балканот, пак, популизмот и мешањето во внатрешните работи на државите ги подрива напорите за градење добрососедски односи.

Ние, во Република Македонија ги чувствуваме последиците од ваквите состојби.

Решението за прашањето за името стана заложник на бирократиите на НАТО и Европската Унија кои ја игнорираат пресудата на Меѓународниот суд на правдата.

Состојбата на status quo во интеграциите резултираше со стагнација во реформите и ерозија на културата на политички дијалог во Македонија. Оставени сами на себе, изгубивме многу години во политички кризи.

За да се надомести изгубеното време, сега со забрзано темпо се подготвуваат неопходните реформи. Но, поради недостаток на време и волја, се нудат фалични решенија за правосудниот систем и системот за национална безбедност. Во брзањето се носат и решенија кои се контрапродуктивни и кои наместо соживот и носат поделби. Вчера донесов одлука да не го потпишам указот за прогласување на репресивниот и противуставен Закон за употреба на јазиците, изгласан без јавна расправа, без научна дебата, без вклученост на академската и експертската јавност и без опозицијата. Очекувам Владата наместо на квантитетот да се фокусира на квалитетот на европските реформите. Одмаздата не е патот до помирувањето.

Како Претседател на Република Македонија како и до сега ќе продолжам да соработувам со Владата и ќе ги поддржувам суштинските европски реформи кои ќе произлезат од отворена и вистинска јавна дебата и околу кои ќе се постигне широк консензус.

Имаме забрзана динамика и во однос на прашањето за името со соседна Грција. Но, треба да се внимава брзајќи да не излетаме од патот трасиран со Повелбата на Обединетите нации, резолуциите на Советот за безбедност, Времената спогодба и пресудата на Меѓународниот суд на правдата. Бидејќи само ако го следиме тие насоки ќе стигнеме до трајно и одржливо решение.

Но, освен на предизвици, 2018 е и година на можности.

Охрабрува тоа што Балканот е повторно во фокусот на Европската Унија.

Преку својата нова стратегија за проширувањето, Европската комисија може да понуди нова надеж за регионот. Бугарското и австриското претседавање со Унијата може да ја забрза интеграција на регионот. Македонија, пак, ќе биде домаќин на Самитот на Процесот Брдо Бриони каде, покрај инфраструктурното и безбедносното поврзување, земјите од регионот ќе ги усогласат ставовите и за стратегијата за проширувањето.

2018 година е и можност НАТО да ја исправи неправдата од Букурешт и да и го даде заслуженото членство на Република Македонија. Тоа е членство што го заслуживме не само со макотрпните реформи, туку и со суштинскиот придонес кон регионалната и глобалната безбедност преку бројните мировни мисии. Како одговорна членка на меѓународната заедница, подготвени сме да станеме 30-та членка на Алијансата и да ја оствариме целта што си ја поставивме .

Ваквата констелација на настаните остава простор за внимателен оптимизам за европската и евроатлантската интеграција на Македонија.

Драги пријатели,

Членството на Македонија во НАТО и почетокот на преговорите за членство во Унијата позитивно ќе влијаат на регионалната стабилност но и внатрешна сплотеност.

Ова е можност за надминување на поделбите и вложување на целата наша енергија во спроведување на европските реформи за да изградиме функционални институции, да обезбедиме независно судство и владеење на правото, за доброто на нашите граѓани. Тоа е задача и за власта и за опозицијата, и за институциите и за граѓаните. И од таа задача не може да има отстапување.

Свесни сме дека Кантовиот траен мир е можеби само идеал. Сепак, движејќи се кон него, веруваме дека можеме да изградиме посилни функционални институции и просперитетни економии и со тоа да создадеме подобра иднина за нашите граѓани, нашите држави, а со тоа и за нашиот свет.

Со таа порака, на самиот крај, посакувам благосостојба и напредок на вашите држави и народи, а вам лично и на вашите најблиски, многу здравје, радост и успеси.

Ви благодарам.