23/04/2024
Македонија

Обраќање на претседателот Пендаровски на затворањето на Фестивалот за феминистичка култура и акција ПРВО ПА ЖЕНСКО

Почитувани,

Ја имам честа да ви се обратам вечерва на затворањето на осмото издание на Фестивалот за феминистичка култура и акција – ПРВО ПА ЖЕНСКО. Задоволство ми е што, сепак, стигнав да бидам дел од оваа манифестација која во континуитет придонесува за промовирање на родовата еднаквост и феминистичките вредности во нашето општество кое, за жал, нема традиција на културни и активистички практики од овој тип.

Овие месеци сме соочени со огромниот предизвик, да се справуваме со најголемата здравствена криза во овој век, која сериозно се одрази во сите општествени сфери и ги промени нашите животи. Пандемијата придонесе за продлабочување на постојните нееднаквости во различни области и на различни нивоа и ни покажа колку е важно да се работи на градењето на подобар свет, на заедници во кои еднаквоста, грижата, почитта, солидарноста ќе бидат наши носечки принципи, инаку, принципи кои се и во основата на феминизмот и движењата за родова и социјална правда.

Посебно ми е драго што денеска присуствувам на фестивал кој е дел од независната културна сцена кај нас. Фестивал кој нуди прогресивни културни политики и ги става во центарот на своето делување феминистичките вредности и родовата еднаквост, жените и женското уметничко творештво и културна продукција, и критички го преиспитува нашиот општествен контекст, политиките и врзано со тоа, дистрибуцијата на моќ во општеството.

Почитувани,

Родовата еднаквост е важна заложба во мојот мандат и со моето делување сакам да дадам придонес во унапредување на родовите политики во земјата. Моето присуство на овој настан сакам да биде разбрано како поддршка на посветеноста на организаторките и сите културни работнички и работници, уметници, активистки и теоретичарки кои со години даваат придонес во развојот на нашата независна културна сцена и ја промовираат женската културна и уметничка креација.

Неспорно е дека како општество треба уште многу да направиме за унапредување на родовата еднаквост во културната сфера, се разбира, и во останатите сегменти. Но, убеден сум дека токму ваквите културни настани, помагаат за реобмислување на постојните концепти, за продукција на нови идеи, визии и простори за делување. Секоја таква активност не води кон позитивни промени, кон подобро општество, кон унапредување на родовата еднаквост и збогатување на културната продукција во земјата и регионот.

За крај, бидејќи сум информиран за содржините и настаните кои ги организиравте изминативе денови, сакам да ви честитам за уште едно извонредно фестивалско издание на Прво па женско.

Нека трае!
Ви благодарам.