29/03/2024
Македонија

Обраќање на претседателот Пендаровски по повод годинешниот почеток на Проектот за климатска акција

Претседателот  Стево Пендаровски преку видео-обраќање го поддржа  Проектот за климатска акција, кој се одржува трета година по ред.

Станува збор за меѓународен проект во кој учествуваат 130 земји, меѓу кои и училишта од Северна Македонија, кој е наменет за соработка помеѓу наставниците и учениците, а со цел подобро образование на учениците и менување на нивната свест во однос на климатските промени, одржливиот развој, намалувањето на емисии на штетни гасови.

Почитувани ученици и наставници,

 Задоволство ми е да ви се обратам на годинешниот почеток на Проектот за климатска акција. Вие знаете, исто како што знам и јас, дека овој проект е многу важен затоа што иднината на нашиот свет е многу неизвесна.

Со сегашниот начин на кој ги извршуваме работите, ќе бидат потребни скоро две планети за да се обезбедат ресурси за нашите тековни потреби. Во овој контекст, вистинското прашање би требало да биде: кој ги создава нашите потреби? Зошто е честопати  поевтино да се купи нов уред отколку да се поправи стариот? Исто така, станува очигледно дека многу од потребите што ги земаме здраво за готово воопшто не се од суштинско значење. Мошне често тие се резултат на нашите навики, производство и потрошувачка кои, долгорочно, се неодржливи.

Со генерации, луѓето биле водени од нагон да ја контролираат и експлоатираат природата, но и едни со други. Тоа доведе до деградација на животната средина и голема нееднаквост кои ја покажуваат моменталната неодржливост на развојот. Секој четврти човек во светот нема електрична енергија за осветлување и готвење. Додека повеќе од една четвртина од храната се фрла, според некои оценки, 155 милиони деца немаат доволно храна за јадење. Климатските промени само ја влошуваат состојбата за милиони ранливи луѓе ширум светот, што доведува до уништување на екосистемите и уникатните видови.

 Почитувани пријатели,

Не мора да биде така. Можеме и мораме да го смениме текот на нашиот свет. Денес живееме во време на таканаречени инфлуенсери со милиони следбеници на социјалните медиуми. Сепак, луѓето кои навистина го имаат најголемо влијание и влијаат на начинот на кој децата го гледаат светот и нивното место во него не се инфлуенсерите, туку наставниците. Наставниците можат да ве натераат вас студентите да бидете љубопитни, да ве испровоцираат да поставувате правилни прашања, да ви помогнат да го разберете минатото и да ви овозможат да ја проектирате иднината и можат да ја подигнат вашата самодоверба. На наставниците им е доверена клучната одговорност: пренесување на идеи и вредности кои не само што можат да ги одржат нашите животи, туку исто така можат да го трансформираат нашиот свет на подобро. Ако тоа се направи мудро и истрајно, може да ви помогне да развиете одржливи навики и, пред се, етика на одржливост.

Проектот за климатска акција го носи одржливиот развој и проблемите  со климатската акција во училниците ширум светот. Ги поврзува наставниците кои се навистина волни и подготвени да едуцираат нова, млада генерација со совест за животот како скапоцен дар.

Често имам можност да се среќавам со млади, талентирани деца со одлични идеи и иновативни решенија. Зад ваквите инспирирани лица вообичаено стојат инспиративни наставници. Толку ми е драго што многу ученици и наставници од неколку македонски училишта веќе се приклучија на Проектот за климатска акција. Не се сомневам дека сите ќе учите едни од други и ќе споделувате идеи што можат да инспирираат конкретни климатски активности. Верувајте ми, секоја мала акција може да направи разлика или, како што рече еднаш Мајка Тереза, која е родена во Скопје пред 110 години „Не сите можеме да направиме големи работи. Но, можеме да правиме мали работи со голема љубов“.

Климатските промени влијаат на сите и, поради тоа, климатските активности се наша работа. И покрај глобалната пандемија на COVID-19, Република Северна Македонија размислува да ги зголеми своите заложби и да ги зајакне своите напори во глобалната трка со времето за ограничување на глобалното затоплување. Што и да правиме, никогаш не смееме да заборавиме дека вистинската причина за жртвите што ги даваме денес се за благосостојбата на вашата генерација утре. Затоа, давам целосна поддршка на Проектот за климатска акција и ви посакувам заедничко инспиративно патување.

Ви благодарам.

https://www.youtube.com/watch?v=gwEJQDKTeXc&feature=emb_title