19/04/2024
Македонија

Обраќање на Претседателот на Владата, Заев на самитот Македонија 2025

Почитуван Претседавач на Бордот на директори на Македонија 2025, Почитувани членови на Бордот на директори, Почитувани екселенции, Почитувани пријатели на Република Македонија, драги гости од Сингапур, Ерменија, Србија, Израел, Црна Гора, соседните земји и сите што сте денеска присутни,

Додека се подготвував за учеството на овој значаен настан, на темата „Што научивме и како да ги имплементираме најдобрите практики во Македонија и регионот“, си поставив за цел да ви ги претставам сигналите и вестите што ги испраќаме од Република Македонија, и од земјите од Западен Балкан, до нашите партнери во Европската Унија и до секоја земја во Европа и во светот. Тоа претставува една од најважните работи, создавањето на пријателска атмосфера во делот на функцијата на конечната цел за којашто сите се залагаме, а тоа е раст на бруто домашниот производ, нови работни места и слично. За да не биде претенциозно, ќе се повикам на признанијата кои стигаат до нас, лидерите на земјите од регионот:

• На Бледскиот стратешки форум оваа година, пораката беше дека регионот испраќа динамични и оптимистички пораки и дека регионот треба да го задржи фокусот на позитивната страна;

• На Самитот на земјите на Западен Балкан во Трст, во рамките на Берлинскиот процес, ние премиерите на шесте земји, вклучително и премиерите и шефовите на држави на Италија, Германија, Франција, како и лидерите на Европската унија, сите заедно констатиравме дека регионот е далеку од точката кога само средба се сметаше за успешна. Успехот сега се мери со позитивните резултати, со акциите што заеднички ги реализираме.

Наша цел е тоа така да остане.

Како дел од тоа позитивно влијание од интензивирањето на комуникацијата и соработката во оваа фаза од процесот не може, а да не истакнеме, дека од регионот ги испраќаме и овие пораки:

• Регионот е политички многу постабилен, со мотивирачки степен на безбедност, како предуслов за економски активности, што е приоритетна цел на регионалното поврзување.

• Мултилатералната соработка и иницијативи во регионот, како и зачестените средби на премиерско рамниште, создадоа добар амбиент и услови за решавање на голем број од отворените прашања што ги имаат одделните земји на билатерален план.

Тоа воопшто не се остварувања за потценување. Напротив.

И третата порака доаѓа како конкретен резултат на претходните две:

• Иако поддршката за регионалната соработка надвор од регионот е сè уште неопходна, многу иницијативи доаѓаат од самите актери на регионот и се прифатени и трансформирани во регионални иницијативи.

Тоа се пораките од дел од научените лекции и искуства досега. Во исто време, тие се само стартна позиција за тие регионални иницијативи од кои во иднина треба да произлезат и уште поконкретни резултати и придобивки за граѓаните и за општествата на земјите на Западен Балкан.

Дозволете ми накусо да се осврнам на една од иницијативите инспирирана од досегашните научени лекции, која ќе биде од посебен интерес за вас, бизнисмените: Акциониот план за регионална економска област на Западен Балкан.

Сакам веднаш да напоменам дека на Регионалната економска област не треба да се гледа како замена за членството во ЕУ на секоја од земјите на Западен Балкан, туку како агенда за регионална економска интеграција, согласно правилата на Централноевропската спогодба за слободна трговија (ЦЕФТА) и принципите на ЕУ кои произлегуваат од Спогодбите за стабилизација и асоцијација.

Оваа регионална економска интеграција предвидува: Промовирање на понатамошна трговска интеграција; Воведување динамичен регионален инвестициски простор; Олеснување на регионалната мобилност, и креирање на агенда за дигитална интеграција.

Регионалната економска област се базира на принципите на еднакви услови за сите во регионот.

Темелите за поблиска регионална економска интеграција во Западен Балкан веќе се поставени.

Како резултат на тоа постигнати се и првите договори од заеднички интерес:

• Тарифите и квотите за трговија со индустриски и земјоделски производи се елиминирани и направен е напредок во олеснувањето на трговијата и преговорите за трговија со услуги согласно правилата на ЦЕФТА;
• Во тек се иницијативи за отстранување на пречките за мобилност на висококвалификувана работна сила;

• Агендата за поврзување на транспортните и енергетските системи и во регионот и во ЕУ се во извонредно напредна фаза; и

• Трошоците за комуникација за граѓаните и бизнисите значително се намалени преку намалување на роаминг трошоците.

Овие напори треба да се засилат. Подобрувањето на понатамошната макроекономска стабилност и структурните економски реформи во секоја од земјите, ќе создадат услови за отклучување на процеси за поголем раст. Регионалната економска интеграција може да му помогне на приватниот сектор за да ги искористи предностите на пазар од преку 20 милиони купувачи.

Кога станува збор за трговијата, целта е нашиот регион да се трансформира во простор во кој стоките, услугите, инвестициите и квалификуваните луѓе ќе се движат слободно, без тарифи, квоти или други непотребни бариери.

Поголемата регионална хармонизација на инвестициските политики има значаен потенцијал за економиите на секоја од земјите на Западен Балкан за зголемувањето на економскиот раст, за создавање нови работни места и за усогласување со економските политики на ЕУ.

Крајната цел на новите политики за инвестиции е да се зајакне атрактивноста на регионот за странски и внатре-регионални инвестиции, и да се мотивира повисока претприемничка активност.

Агендата за мобилност има за цел: отстранување на пречки за мобилност на професионалци, преку регионални договори за меѓусебно признавање на професионални квалификации во сектори од заемен интерес; отстранување на пречките за мобилност на високо квалификувана работна сила; и отстранување на пречките за мобилноста на учениците, истражувачите и научните работинци преку заеднички политики, мерки и инструменти насочени кон зголемување на академската и истражувачката мобилност и соработка.

Дигиталната трансформација го менува начинот на кој комуницираме, работиме, учиме и живееме. Употребата на дигитални технологии создава значителни придобивки во однос на брзината, ефикасноста и транспарентноста во прекуграничната комуникација. Неискористените потенцијали на дигиталната интеграција можат да обезбедат иновативни и конкурентни услуги за потрошувачите и бизнисите и да делуваат како важен двигател за социо-економскиот развој, во креирањето нови, добро платени, работни места и да создава услови за енергичното општество базирано на знаење.
Почитувани,
Имплементацијата на овие сеопфатни можности на новите иницијативи во регионот бара силно партнерство меѓу владите на земјите од Западен Балкан, приватниот сектор, меѓународните организации и донаторите што се подготвени да ги поддржат овие процеси.

Овие процеси имаат за цел да им дадат сигурност на повеќе од половина милион компании кои работат во земјите од Западен Балкан. Да препознаат дека се создава подобра средина во која можат да растат, да инвестираат , да вработуваат, како и да ја искористат регионалната економска област како лансирна рампа на други пазари.

Благодарам.

https://www.youtube.com/watch?v=Geb4PiKuFQM