18/04/2024
Охрид

Обука за користење на Е-ПДД системот за станоиздавачите

Денеска во големата сала на Општина Охрид во соработка на Секторот за туризам и ЛЕР и Управата за јавни приходи беше организиранa презентација на техничките карактеристики на системот за електронско  пријавување на данок како и постапката за регистрација на Е-ПДД системот и  начинот на изготвувањето на пресметката која е обврска на физичките лица за секој остварен приход по основ на изнајмување на соби и апартмани.

Имено, со Законот за изменување и дополнување на данок на доход („Службен весник на РМ“, бр.190/2017), од 1 јануари 2018 година се воведува нова процедура за пресметување и плаќање на  обврските за персонален данок на доход, односно пресметувањето на данокот ќе се врши со поднесување на Електронска пресметка за приход и данок (е-ППД) до Управата за јавни приходи, преку новиот систем е-Персонален данок .

Согласно измените и дополнувањето на Законот за персонален данок на доход, воведени се новини во постапката за пријавување и плаќање на персоналкиот данок на доход за физичките и правните лица. Измените пред се’ се однесуваат на воведувањето на електронската пресметка за приход и данок, начинот на нејзиното изготвување и поднесување, како и укинувањето на годишните и месечните извештаи кои се доставуваа до Управата за Јавни Приходи. Примената на електронското пријавување и плаќање на персоналниот данок на доход се врши со најава на системот e-pdd.ujp.gov.mk. Доколку физичкото лице не е регистрирано на системот, неопходно е истото да поднесе барање за регистрација до даночната канцеларија на УЈП. Правните субјекти пак, потребно е да се регистрирани на системот е-Даноци со дигитален сертификат.

Податоците за видот и износот на приходите се внесуваат онлајн и по извршената проверка за одобрување на пресметката, Управата за Јавни Прихходи на електронска пошта на обврзникот/подносителот ќе му достави рекапитулација за утврдување на аконтацијата на данок на доход, заедно со спецификација за пресметаните износи и збирен налог за плаќање.

Имајќи во вид дека физичките и правни лица станоиздавачи од мал обем се наши партнери во севкупниот развој на Охрид како врвна туристичка дестинација, Општината Охрид и Секторот за ТЛЕР сметаат дека ваквите информативно – едукативни средби се од интерес на сите засегнати страни, а тоа е причина и во иднина да продолжиме со вакви и слични активности.