05/12/2024
Охрид

Одбележан патрониот празник на ОУ „Живко Чинго“ Велгошти

Со свечена прослава, вечерва во Спортската сала „Тодор Александров“, ОУ „Живко Чинго“ од Велгошти го одбележа патрониот празник на училиштето.

Пред присутните се обрати директорката на ОУ „Живко Чинго“,  Љубица Ангелоска Кркачоска, која најпрво им посака срдечно добредојде на сите присутни во салата.

„Во животот, разликата помеѓу успехот и неуспехот помалу или повеќе се должи на храброста. Никој не успеал без труд и напорна работа, а секако потребна е и среќа. Среќни сме што учиме и твориме во нашето училиште кое со гордост го носи името на истакнатиот велгоштанец, големиот македонски раскажувач, романописец и драмски писател, но пред се голем хуманист, човек омилен кај народот. Во неговото творештво се наоѓа вистината за човечноста, за животот, за егзистенцијата. Живко Чинго не задолжи сите нас, сите сегашни и идни генерации да чекорат по неговиот пат, да бидат образовани и воспитани личности што е и основна цел на работата на нашето училиште. 147 години Основното општинско училиште „Живко Чинго“ е расадник на образовани и воспитани генерации кои понатаму успешно чекорат во животот. Постојаното подобрување на условите во училиштето, осовременувањето на наставата со нови нагледни средства и помагала, учество во бројни натпревари во знаење и спорт, промовирање на нашите успеси и активности, како и стручното усовршување на наставниот кадар се нашата единствена определба. Стремежите на нашето училиште првенствено се насочени кон обезбедување поволна социјална клима и напредување на комуникацијата на релација училиште-ученик-семејство. На крај би сакала да истакнам, во име на сите вработени во Основното општинско училиште „Живко Чинго“ и во свое лично име дека ни претставува привилегија зедно со вас ученици и со вас родители да се здружиме во решавање на сите предизвици кои се пред нас и заеднички да чекориме по патот на успехот. Честит и вековит да ни биде патрониот празник.“ – рече Ангелоска Кркачоска, во својот говор пред присутните.

Директорката Ангелоска Кркачоска, на најуспешните ученици им додели награди. Во продолжение на прославата следуваше богата програма во изведба на учениците од ОУ „Живко Чинго“ – Велгошти.

Претходно,  делегација од училиштето положи свежо цвеќе пред бистата на Живко Чинго во училишниот двор.


WebOhrid / 20.03.2023