19/03/2024
Македонија

Одбележан Светскиот ден на борба против беснило

Под мотото „Нула смртни случаи од беснило до 2030“ и „Беснилото завршува овде, со тебе“ и годинава Агенцијата за храна и ветеринарство се вклучува во глобалната кампањата за одбележување на 28 септември – Светски ден за борба против беснило. Фокусoт на светската кампања ставен е на вакцинацијата и соработката, основи на кои и во изминативе години се реализираа активностите на Агенцијата за храна и ветеринарство во борбата против Беснилото, болест подеднакво опасна и за животните и за човекот.

Во соработка со научните установи, претставници на Факултетот за ветеринарна медицина, Медицинскиот факултет, Инстутот за јавно здравје и Ветеринарната комора, од денешната тркалезна маса беше испратена пораката дека со заеднички вложувања Севрна Македонија може набрзо да го добие статусот – слободна од Беснило.

Како одговорна институција за заштита на здравјето и на луѓето и на животните во контекст на концептот „Едно здравје“ координирајќи ги активностите на здравствената заштита на животните и јавното здравје, Агенцијата за храна и ветеринарство континуирано презема активности за контрола и одржување на позитивна епидемиолошка состојба кога е беснилото како болест во прашање. Акцијата на зголемување на бројот на идентификувани и регистрирани, а со тоа и вакцинирани против беснило миленици (кучиња и мачки) е само дел од мерките кои се преземаат,а се основа и за воспоставување на контрола на популацијата бездомни животни.

Видно подобрување на епидемиолошка состојба со болеста Беснило во земјава и регионот кај дивата популација е резултат на кампањите за орална вакцинација на лисиците кои два пати годишно, почнувајќи од 2012 година со пролетна и есенска кампања, ги реализира Агенцијата за храна и ветеринарство со финансиска поддршка на Европската унија.

И оваа година продолжува оралната имунизација кај лисиците, есенската кампања ке започне во втората половина на октомври, во времетраење од 2 недели на целата територија на државата.

Во тек е кампањата стоп Беснило, која има за цел да го зголеми пасивниот надзор на Болеста, односно да се провери евентуалното присуство на вирус кај угинати животни кои се приемчиви на Беснило.

„Како прв човек на Агенцијата за храна и ветеринарство, институција одговорна за безбедноста на храната и здравствената заштита на животните, но, пред се како ветеринар и љубител на животни, до граѓаните упатувам апел за одговорно чување на милениците. Тоа значи не само обезбедување дом и храна за нив, туку и посветено водење сметка за нивна здравствена заштита. Одгледувањето на животните не е и не смее да биде само мода и забава. Тоа носи и обврски и одговорност, што значи, дека сме одговорни и кон личното, здравјето на најблиските и општеството во целина.“ – изјави Николче Бабовски, директор на АХВ.