28/03/2024
Охрид

Одбележан Светскиот Ден на Црвениот крст и Црвената полумесечина

Под мотото Заедно ние сме НЕЗАПИРЛИВИ денес се одбележува Светскиот Ден на Црвениот крст и Црвената полумесечина.

На 8 мај 1828 година е роден Анри Динан, основоположникот на Движењето на Црвениот крст. На овој ден ширум светот националните друштва на Црвен крст и Црвена полумесечина преку пригодни активности делуваат на подигање на свеста за значењето на нашите основни принципи и вредности и не’ потсетуваат на потребата од намалување на човековите страдања, зачувување на човековото доистоинство, заштита на животот на луѓето, како и надминувње на последиците од вонредни состојби и природни катастрофи.

„Акцентот на нашите активности во изминатата, но и во оваа година е ставен на справување со последиците од глобалната пандемија предизвикана од КОВИД-19.

Токму и слоганот на овој наш годинешен празник, #Незапирливи ги отсликува заложбите и напорите на нашата организација навремено и ефикасно да одговориме на предизвиците и последиците предизвикани од ширењето на коронавирусот. Се’ она што го направија и го прават нашите волонтери и вработени беше во функција да им се помогне на луѓето за полесно и подобро да се справат со пандемијата.

Запомнете дека секој од нас игра важна улога во заедницата, таа да стане попријатно место за живеење и делување. Секое наше добро дело претставува чин за поттик на нашите граѓани да ни се приклучат во нашата мисија за да им помагаме на луѓето кои се нашле во незавидна положба.

Во оваа прилика го честитаме Светскиот ден на Црвениот крст и Црвената полумесечина и изразуваме благодарност и почит кон сите наши волонтери, вработени, партнери, соработници, донатори, помагатели на нашите активности со желба да продолжиме заедно, да бидеме побројни и НЕЗАПИРЛИВИ во нашите напори да изградиме похумано општество во кое достоинството и добросостојбата на граѓаните ќе биде најважно од се.“ – информираат од Црвен крст Охрид.

По повод Светскиот ден на Црвениот крст и Неделата на Црвениот крст, денес пред седиштето на Црвен крст Охрид беше положено свежо цвеќе пред бистата на Анри Динан.