Одбележани 75 години од издавањето на Манифестот на НОВ и ПОМ

Општинската организација на Сојузот на борци од НОАВМ 1941-1945 и на граѓаните продолжувачи во општините Охрид и Дебрца, Локалната самоуправа на општина Дебрца и ОУ „Дебрца“, денес организираше прослава во село Црвена Вода по повод јубилејот – 75 години од издавањето на Манифестот на ГШ на НОВ и ПОМ и други значајни настани од НОВ и Револуцијата во 1943, и патрониот празник на општина Дебрца, со богата програма.

Беше положено свежо цвеќе на спомениците на паднатите борци од НОБ и жртвите на фашистичкиот терор.

На настанот, свое обраќање имаше Градоначалникот на општина Дебрца, Зоран Ногачески, а за значењето на овој ден говореше претседателот на СБ Охрид и Дебрца, Гоце Георгиески.

„Дебрца е величествен споменик на слободата. Дебрца е македонското светилиште. Во Дебрца се испишани најсветлите страници од македонската историја. И во времето на Светиклиментовата Кутмичевица и во илинденскиот период и во текот на НОБ. 

И не само тука, во Црвена Вода, на денешен ден, туку и на Славеј Планина, каде што пред 75 години беше формирана првата регуларна воена единица, баталјонот “Мирче Ацев, во Сливово беше формирана Првата Македонска-Косовска ударна бригада, Дебрца беше првата слободна територија во НОБ, а во селото Издеглавје, во 1944 година беше возобновена Македонската Православна Црква, во ликот на Охридската Архиепископија.

Дебарца долго време беше на маргините, поради што луѓето си заминуваа, селата ни се празнеа. Но, тоа не значи дека духот на нашите предци е исчезнат. Тој живее во сите нас и во нашата визија за Дебрца. 

Речиси една година, како прв меѓу Вас еднаквите, заедно со Вас, граѓаните на Дебрца работиме на остварувањето на нашата визија за Дебрца.

Таа визија е да го промовираме еко капацитетот на Дебрца, да го унапредиме овој крај, да ја вратиме душата на Дебрца. 

Дебрца да остане чиста и незагадена и секогаш да пружа одмор, мир, чистота и револуционерност, не само на нас, туку и на сите добронамерници кои ќе ја посетат.

Затоа и во наредниот период упорно и посветено ќе работиме да се сочува интегритетот на Дебрца, нејзината епска димензија и еколошка иднина.“– рече градоначалникот Ногачески во своето обраќање.

This slideshow requires JavaScript.