28/03/2024
Охрид

Одржан мултикултурен камп за средношколци, студенти и млади, од проектот “Низ една призма – сите сме исти”

Во текот на изминатиот викенд, здружението за мултикултурна интеграција, “Инклузија” од Охрид, одржа мултикултурен камп за средношколци, студенти и млади, во рамките на проектот “Низ една призма – сите сме исти”, финансиран од Цивика Мобилитас.

24 учесници од различни етнички заедници на овој настан кој се реализираше со физичко присуство во Охрид, имаа можност да се запознаат со теми поврзани со говорот на омраза, стереотипите, предрасудите, конфликтите, ефективната комуникација, градењето доверба и лидерството и да креираат процеси на тимска работа, под менторство на обучувачите, Анелија Митрова од “Младински Сојуз”, Крушево и Елена Ристеска, од организацијата домаќин.

Работејќи и учејќи за овие појави заедно, младите констатираа дека довербата е клучот на секој успех на приватно и на професионално поле и дека само заедно, функционирајќи како тим на еднакви, со почитување на различностите на секој член на заедницата, заедно можат да коегзистираат во држава која ќе обезбеди подеднаков третман за сите.

Исто така, низ вежбите и дискусиите, тие стекнаа знаења за квалитетите и вредностите на еден добар лидер кој треба да биде мотиватор и мобилизатор на заедницата и дека само со искреност, отвореност и прифаќање може да се гради поубава и постабилна иднина за граѓаните, ставајќи знак на еднаквост за целото општество.

До крајот на месец мај, ќе се имплементираат уште три проектни активности, толерантно кафе, еднодневна едукативна екскурзија низ најзначајните културно – историски споменици на заедниците кои егзистираат на територијата на општина Охрид и мултикултурна визита.