23/04/2024
Охрид

Одржана јавна расправа за откупно-дистрибутивен центар во Охрид

Во организација на Секторот за ТЛЕР, во рамки на активностите на Програмата за ЛЕР за 2018г, денес, се одржа презентација и јавна расправа за нацрт верзијата на физибилити студијата за откупно – дистрибутивниот центар во општина Охрид.

На настанот присутни беа локални земјоделци, производители, дистрибутери како и претставници на компании од оваа област. Изработувачот на Студијата, консултантската компанија О3 Инвест ги презентираше првите наоди и анализи за оправданоста и потребата од изградба на ваков центар согласно локалното производство и потребите како за домашниот пазар така и за извоз.

Од досегашните истражувања, како и од излагањата на локалните производители, беше заеднички констатирано дека евидентна е потребата од изградба на откупно дистрибутивен центар со што ќе се подобри организираниот настап и пласман како и задржување и зголемување на квалитетот на локалните производи. На овој начин ќе се овозможи и организиран пласман на локалното производство во туристичко-угостителскиот сектор во Охрид, со што ќе се подобри и зголеми туристичката и гастрономска понуда на охридските угостители.

Планираное до крајот на 2018 година да се добие финалната верзија на  студијата, а за следната година е планирано да се подготви и основен проект со што ќе се заокружи првиот чекор кон финализирање на овој важен проект за општина Охрид.