06/12/2024
Охрид

Одржана конференцијата „Градиме мостови кон заедничка иднина од соседи кон стратешки партнери“

Градоначалникот на Охрид Кирил Пецаков денеска во Општина Охрид ги прими и им се обрати на учесниците на конференцијата  „Градиме мостови кон заедничка иднина: од соседи кон стратешки партнери“ што изминативе неколку денови се одржуваше во Охрид во организација на фондацијата „Конрад Аденауер“, а со поддршка на Општина Охрид и Центарот за европски студии  „Филфрид Мартенс“ од Брисел.

 Учесниците на конференцијата беа  млади, талентирани, општествено одговорни лица кои  дискутираа и разменуваа искуства на теми од заеднички интерес: Регионални предизвици од влијание на надворешни актери; Дезинформации односно справување  со лажни вести; Важност од целосна евро- интеграција на земјите од регионот во насока на обезбедување  регионална стабилност.

 Градоначалникот Пецаков објасни зошто е потребно одржување настани од таков тип.

– Ми причинува особено задоволство, што денес сум меѓу Вас и имам можност да ги поздравам  младите, талентирани и општествено активни луѓе, стипeндисти на фондацијата „Конрад Аденауер“ кои учествуваа на конференцијата „Градиме мостови кон заедничка иднина: од соседи  кон стратешки партнери“ што деновиве се одржуваше во Охрид. Ме радува фактот што   младите дискутираа и разменуваа искуства на теми кои  се од заеднички интерес,  како регионални  предизвици  од влијание на надворешни  актери, дезинформации односно  справување со лажни вести, како и важноста од целосна евро- интеграција на земјите од регионот во насока на обезбедување регионална стабилност. Ваквите средби се  доказ дека и покрај одредени политички прашања,  научните и образование достигнувања не познаваат граници и ги рушат сите бариери. Младите се тие на кои иднината  и  Светот остануваат и вакви средби се од големо значење во надминување на различностите и градење  Европска иднина. Јас се надевам дека прошетавте и ги видовте убавините на Охрид, градот кој заедно со Охридското Езеро како ретко и светски   важно  културно наследство  е под заштита на УНЕСКО. Овде, во Охрид , на секој чекор може да се почувствува  чудесниот спој на остатоците на цивилизациите  и природните реткости, амбиент кој континуирано  опстојува 7 илјади  години. Тука ве поздравувам и се надевам дека ќе има и наредни убави поводи повторно  да дојдете и да бидете гости  во нашиот убав  Охрид—рече градоначалникот Пецаков.

На настанот се обрати и директорот на Фондацијата „Конрад Аденауер “во Македонија, Даниел Браун.

Учесниците на конференцијата се стипендисти на фондацијата, а предавачи беа докажани експерти во релевантните области.


WebOhrid / 03.07.2022 / Општина Охрид