29/03/2024
Охрид

Одржана петтата форумска сесија од Форумот на заедниците во Општина Охрид

Во просториите на општина Охрид, денес, се одржа петтата форумска сесија од форумот на заедниците во општина Охрид. Претседателката на Советот на општина Охрид, Живка Ангелоска, изрази благодарност до сите инволвирани страни во реализацијата на проектите.

-Форумот како една од најефикасните алатки на париципативната демократија и еден од најдобрите методи за вклучување на граѓаните во процесот на носење на одлуки на локално ниво е дел од втората компонента на проектот „Зајакнување на општинските совети”, кој нашата општина го имплементираше во соработка со УНДП и Швајцарската амбасада во Република Северна Македонија. Особено ме радува фактот што граѓаните, претставниците на невладиниот и бизнис сектор од Охрид покажаа интерес да се вклучат во овој процес и да соработуваат со претставниците на Советот на општина Охрид и општинската администрација, при што заеднички, преку тематски работни групи беа изготвени седум предлог проекти посветени на  социјалната инклузија. Оваа можност ја користам да Ви се заблагодарам за вложениот труд и ангажман во реализацијата на проектот „Полесен пристап за подобри општински услуги и граѓанска вклученост“, кој беше финасиран со средства кои обезбедени од УНДП и Швајцарската амбасада во Република Северна Македонија, со вкупен буџет од 50.000 швајцарски франци, истакна претседателката Ангелоска.

Со проектот беа опфатени реновирање на надворешните скали кои водат до големата сала во општината, поставена е хирдраулична платформа со која се овозможи полесен пристап на лицата со телесен инвалидитет. Исто така се реновира и големата сала, се опреми со нов мебел, електрична инсталација, осветлување и опрема за пренос на седниците во живо со што се обезбеди поголема транспарентност.