19/04/2024
Охрид

Одржана првата работилница „Собираме и ре-креираме со Бимилк“ во Охрид

Со многу игра, смеа, забава и сала полна радост и насмевки од дечињата од градинката „Јасна Ристеска“, се одржа првата едукативна и креативна работилница во Охрид во рамки на големиот проект „Собираме и ре-креираме со Бимилк“.

Главната улога во работилницата ја имаше омилениот лик на Битолското Чупе, која низ игра и песна ги забавуваше дечињата, но и на креативен и интерактивен начин ги учеше за важноста од зачувување на животната средина и стекнување здрави навики уште од најрана возраст.

Работилницата се одржа во клонот „Развигорче“ на градинката во присуство на повеќе од 150 дечиња, кои во претходниов период собираа празни амбалажи од Битолско млеко и од нив понатаму изработуваа разни корисни предмети, со цел уште од мали години да стекнат навики за грижа за природата.

„Чест ми е што сме тука во Охрид да ја отвориме првата работилница во Детската градинка „Јасна Ристеска“, поточно клонот „Развигорче“. Драго ми е што се има толку голем број на деца тука и претметите што ги изработиле навистина значат. Бимилк како компанија гледа секоја година на секој начин да помогне во општеството, дали преку некоја активација или донација. Годинава решивме да направиме проект кој што ќе биде токму за најмладите, а тоа е да ги научиме, да ги едуцираме за рециклирање, да ја поттикнеме нивната креативност, нивната хуманост и исто така да ги научиме на здрави навики, конзумирање на млеко и млечни производи.“ -изјави Дарко Апостолов, маркетинг асистент во Бимилк.

Инаку ова беше првата од вкупно 12 работилници кои во текот на декември ќе се одржуваат ширум Македонија, а во целиот проект се вклучени близу 2.000 деца.

„Ова е хуманитарна акција поттикната од Бимилк со кои имаме веќе неколкугодишна традиционална соработка на различни теми, обично темите се од здрава храна, се што ни е во нашата програма за рано учење и развој, а ова е една нова тема која тие ја поттикнаа за рекреирање и рециклирање, како проект кој исто е вклучен во нашата програма за рано учење и развој. Децата покрај тоа што се запознаваат со храната која ја нуди Бимилк со нивните производи, секако дека основно е млекото и производите кои се добиваат од него, која е здрава храна за нив, се запознаваат со витамините, минералите, сето тоа што го содржат тие производи, а воедно ја користиме оваа акција од нивната амбалажа децата ре-креираат, создаваат нови креации, нови дела, а со тоа кај нив доаѓа до израз нивната имагинација, нивната креативност, секако тоа го реализиравме заедно со нивните родители кои морам да кажам дека секогаш ни се поддршка и учествуваат во вакви акции, поготово оваа која е и хуманитарна акција.“ – изјави Мери Рилкова, директорка на ЈОУДГ „Јасна Ристеска“.

Покрај многуте едукативни аспекти на овој проект, тој истовремено има цел да ја поттикне и хуманоста кај децата бидејќи на крајот предметите кои тие ги изработиле ќе бидат изложени на голем хуманитарен базар на кој собраните средства ќе бидат донирани за СОС Детско село Македонија.

„Собираме и ре-креираме со Бимилк“ е најавен како пилот-проект што ги покрива градинките од голем дел од територијата на Македонија, меѓутоа од компанијата велат дека нивната заложба е да продолжи да живее и во наредните години, со цел пораките за чување на животната средина, негување на здравјето и поттикнување на хуманоста да допрат до колку што е можно поголем број деца од цела Македонија.

WebOhrid