29/03/2024
Дебрца

Одржана трибина во Дебрца за придобивките од ратификацијата на Истанбулската конвенција

Во организација на Форумот на жени на ОО СДСМ Дебрца, во пресрет на 8ми Март, вечерва во Мешеишта се одржа трибина на која се разговараше за придобивките од ратификацијата на Истанбулската конвенција, како и превенција и борба против насилство врз жената.

На трибината се обратија началникот на отсекот за превенција при СВР Охрид, Миле Јаковчески, психологот од ЦРС, Снежана Толевска Митаноска, адвокатот Стојан Прензоски и координаторот на ФЖ на ОО СДСМ Дебрца, Ана Аврамоска.

Во Конвенцијата се истакнува дека остварувањето на еднаквоста меѓу жените и мажите и de jure и de facto е клучен елемент во спречувањето на насилството врз жените и дека насилството врз жените е манифестација на историски нееднаквите односи на моќ меѓу жените и мажите, што довеле до доминација и дискриминација врз жените од страна на мажите и до спречување на целосното напредување на жените. Токму затоа,  заложба на Општина Дебрца останува стремежот кон создавање на општество ослободено од насилство врз жените и од домашно насилство.

На трибината присуствуваа и градоначалникот Зоран Ногачески, претседателот и секретарот на ОО СДСМ Дебрца, Благојче Стојчески и директорот на ЈКП „Дебрца“, Игор Крцоски, кои на сите присутни учеснички им го честитаа претстојниот празник 8-ми март.