Официјална посета на Владата на Србија на нашата земја

Во Владата на Република Северна Македонија денеска се реализираше агендата на официјалната посета на делегацијата на Владата на Република Србија предводена од премиерката Ана Брнабиќ, која започна со заеднички организираниот настан за свечено пуштање во употреба на концептот One-stop-shop, заедничко управување на граничните и царински контроли со едно застанување на граничниот премин Табановце/Прешево, денеска.

По настанот на граничниот премин, официјалната церемонија со највисоки државни почести се одржа на платото пред Владата на Република Северна Македонија, каде што премиерот Зоран Заев и членови на македонската владина делегација, ја пречека неговата колешка од Србија, во придружба на други министри во Владата на Република Србија. 

Претседателите на Владите на Северна Македонија и на Србија Заев и Брнабиќ потоа се повлекоа на тет-а-тет средба, а членовите на владините делегации одржаа билатерална средба на која присуствуваа Кочо Анѓушев, заменик претседател во Владата на РСМ задолжен за економски прашања и координација со економските ресори, Оливер Спасовски, заменик претседател во Владата на РСМ и министер за внатрешни работи на РСМ, Дамјан Манчевски, министер за информатичко општество и администрација, Трајан Димковски, министер за земјоделство, шумарство и водостопанство и Андреј Жерновски, заменик министер за надворешни работи на РСМ.

Владината делегација на Република Србија на билатералната средба ја претставуваа Расим Љајиќ, заменик претседател на Влада и министер за трговија, туризам и телекомуникации, Бранислав Недимовиќ, министер за земјоделие и заштита на животна средина на Р. Србија и Душанка Дивјак Томиќ, амбасадорка на Република Србија во Република Северна Македонија.

Веднаш по премиерската тет-а-тет средба и билатералната средба на двете владини делегации, се одржа и свечена церемонија на потпишување на Спогодбата за заедничко признавање на доверливи услуги кои се користат во земјите, што ја потпишаа министерот за информатичко општество и администрација Дамјан Манчевски и Расим Љајиќ, заменик претседател на Влада на Србија и министер за трговија, туризам и телекомуникации, потоа Спогодбата меѓу министерствата за финансии и царинските управи на Северна Македонија и Србија за заемно признавање на издадените одобрувања за овластен економски оператор, што ја потпишаа директорот на Царинската Управа на Северна Македонија Ѓоко Танасовски и помошник директорот на Царинска Управа на Србија Веселин Милошевиќ, како и Спогодбата за соработка во фитосанитарната област и областа на безбедноста на храната и ветеринарство, потпишана од Трајан Димковски, министер за земјоделство, шумарство и водостопанство во Владата на РСМ и Бранислав Недимовиќ, министер за земјоделие и заштита на животна средина на Р. Србија.

Официјалната посета на делегацијата на Владата на Република Србија на нашата земја заврши со заедничката прес-конференција на премиерите Заев и Брнабиќ.