29/03/2024
Спорт

Охрид домаќин на Европскиот триатлон куп и Балканското првенство

Во организација на Триатлон Федерација на Македонија (ТФМ) и Асоцијацијата на спортови „Спорт за сите – сите за Спорт“ (АСС) , а со поддршка на локалната самоуправа, викендов во Охрид ќе се одржи Европски Триатлон куп и Балканско првенство.

На денешната прес конференција што се одржа по тој повод, Заменик градоначалникот на Охрид Константин Георгиевски истакна дека општината во рамки на своите ингеренции ќе направи се што е потребно за успешно реализирање на овој голем спортски настан кој битно допринесува за развој на спортскиот туризам.

„Во име на општина Охрид сакам да го изразам нашето задоволство што ваков еминентен настан ќе се одржи во нашиот град. Европскиот Триатлон куп и Балканското првенство прв пат се одржуваат во Охрид. Ние како локална самоуправа ќе сториме се што е во наша моќ на секаков начин да го поддржиме овој настан. На наредната Седница на советот на општина Охрид што е закажана за понеделник ќе мораме да извршиме пренамена на средства со одлука на Совет со цел да обезбедиме финансиска помош за реализација на овој настан затоа што истиот не беше навреме најавен и планиран во Програмата којашто е донесена со буџетот на општина Охрид како дел од програмата за Спорт и млади. Во следниот буџет за 2020 година тоа ќе си влезе во програма и секоја наредна година додека е на власт оваа локална самоуправа и овој градоначалник, оваа манифестација и ваквите настани ќе ја имаат нашата безрезервна поддршка. Охрид нуди одлични услови за беспрекорно одржување на натпреварите во различни категории. Сите сме согласни дека спортот , спортувањето и физичката активност се едни од најбитните сегменти во општествениот живот кои имаат повеќекратни позитивни ефекти врз развојот на младите генерации. Ние активно работиме и создаваме услови за развој на спортскиот туризам и максимално го поддржуваме развојот на Охрид во таа насока“- истакна Георгиевски кој на сите учесници на натпреварот им посака успех, фер игра и убав престој во Охрид.

На самиот натпревар се очекуваат натпреварувачи од околу 20 земји од Европа во различни категории од кадетски, младински и сениорски категории , од двата пола или околу 260 натпреварувачи. Стартот и целта на Триатлонот е пред плажата Бафало, а учесниците ќе се натпреваруваат во пливање, возење велосипед и трчање. Самиот тек на натпреварот ќе се одржува во два натпреварувачки дена.

„Конкретно натпреварот ќе се одржи во девет категории од коишто во сабота ќе бидат елитните категории. Најпрво ќе бидат кадетите, потоа ќе стартуваат јуниорите , па елитните натпреварувачи во Европскиот куп. Во недела имаме ејџ груп натпревари па детска трка за натпреварувачи до 12 години и новата олимписка дисциплина којашто ќе се води од Олимпијадата од 2020 година, односно штафетен триатлон каде имаме по еден машки и еден женски натпреварувач кои ќе обавуваат мини триатлон- истакна генералниот секретар на триатлон федерацијата на Македонија, Иван Михајловски.

Иван Цветкоски од Асоцијацијата на спортови упати апел до сите Охриѓани, утре и задутре да ги почитуваат правилата за времен сообраќај на патниот правец кон Св. Наум со цел да има високо ниво на безбедност како за учесниците на натпреварите така и за сите учесници во сообраќајот.

„На ден 15 и 16 септември ( сабота и недела ) на меѓународниот пат Охрид – Св Наум во должина од кружниот пресек на Булевар „Туристича“ со улица „АСНОМ“ до кружниот тек кај Инекс Горица (тениски терени) ќе има времен режим на сообраќајот и тоа од: сабота 07:30 – 17:00 часот и недела од 07:30 – 15:00 часот. Во горенаведеното време наведениот дел од патот Охрид – Св. Наум ќе биде затворен за сообраќај и ќе биде пренасочен на патот Св. Наум – Охрид на истата должина со тоа што во тој период ќе се дозволи двонасочно движење на возилата. Ги замолуваме сите ученици во сообраќајот да имаат разбирање поради времениот сообраќаен режим и да се придржуват кон насоките за регулирање на сообраќајот пред се поради нивната безбедност“ – подвлече Цветкоски .

Триатланот во Охрид ќе биде следен од делегатот од Европската триатлон федерација, Андреас Галанос. Тој на крајот ќе го оцени спортскиот настан во Охрид.

„Многу сум среќен што сум дел од овој мега спортски настан во Охрид и исто така многу ми е мило што гледам со каков ентузијазам луѓето го организираат Триатлонот. Условите и се останато е на страната од градот и организаторите и јас не гледам ниту една причина за пречка за успешен и добар Триатлон.“ – истакна Галанос.

Натпреварите што викендов ќе се одржат во Охрид се во согласно со програмата за работа и Европскиот Триатлон календар на настани.