29/03/2024
Спорт

Охрид ќе биде домаќин на првиот Национален Таеквондо турнир Ohrid OPEN 2019

Охрид во сабота, на 1-ви јуни ќе биде домаќин на првиот Национален Таеквондо турнир Ohrid OPEN 2019, кој ќе се одржи според турнирскиот систем на Македонската Таеквондо федерација.

Организаторите очекуваат учество на спортисти кои ќе се натреваруваат во неколку категории: машка, женска, кадети, јуниори и сениори. Најавуваат фер плеј, максимална транспарентност и одлична атмосфера за натпреварувачите.

Се очекува да земат учество над 150 Таеквондисти од цела Европа. Според најавите, најмногу спортиси ќе пристигнат во Охрид од соседните земји и од поширокиот регион на Балканот.

Натпреварот ќе се одвива според официјалните правила на Светската Таеквондо Федерација (The official WT Competition Rules)

Учесници:

– Кадети (А класа и Б класа): родени во 2005, 2006 или 2007 година (без оглед на месецот и денот во кој се родени)

– Јуниори (А класа и Б класа): родени во 2002, 2003 или 2004 година (без оглед на месецот и денот во кој се родени)

– Сениори (А класа и Б класа): родени во 2002 и порано (без оглед на месецот и денот во кој се родени)

Натпреварот ќе се одржи во Спортската сала „Билјанини извори“, во сабота на 1-ви јуни со почеток во 09:00 часот кога ќе зaпочнат борбите, а турнирот официјално отворање ќе има во 12:00 часот со официјално претставување на натпреварувачите и клубовите учесници. Според најавите, ќе го отвори градоначалникот на град Охрид, Константин Георгиески, а ќе присуствуваат и директорот на Агенцијата за млади и спорт Дарко Каевски и началникот на СВР Охрид, Сашо Смилески, кои се гости на натпреварот. Се очекува и присуството на д-р Васил Тупуркоски, претседател на Македонскиот Олимписки Комитет.

За да може да се следи натпреварот ширум светот, ќе биде обезбеден и директен пренос и Live Streaming на интернет.

Организатор на Таеквондо турнирот Ohrid OPEN 2019 е Таеквондо клубот „Хваранг Фист“ од Охрид, кој е член на Федерацијата од 2007 година и активно учествува во работењето на истата со членови во самата организација, како и во натпреварувачкиот систем. Прв човек на клубот е Ацо Јосифоски, V дан, Светски семиконтакт и европски Таеквондо шампион и повеќекратен освојувач на медали од европски и светски првенства.