16/04/2024
Охрид

Охрид се поклони пред заштитникот Св. Климент Охридски

Во рамки на чествувањата посветени на Св. Климент- Патрон на Охрид, делегација на општината предводена од градоначалникот Константин Георгиески положи свежо цвеќе пред спомен обележјето на Светителот и заштитникот на Охрид на  градскиот плоштад што го носи неговото име. Цвеќе положија и останати претставници од политичкиот и јавниот живот од градов меѓу кои и од   охридската гимназија и  битолскиот универзитет „Св. Климент Охридски“.

По традиција,градоначалникот Георгиески им  врачи парични награди и  примероци од книгите „Антологија за Прличев“и „Дојди во Охрид“ на учениците од охридските училишта кои учествуваа на Конкурсот за најдобра поетска творба што претходно го распиша општината по повод празникот.  Првата  награда   во прва категорија за ученици од одделенска настава   ја освои  Климент Укоески за  песната  „За Климент“. Придружната награда ја доби   Максим Георгиески   за песната „Учителот“ и Кирил Шапкароски   за   „Охриде“.

Првата награда во  втора категорија   за ученици од предметна настава  ја доби   Надица Новеска автор на песната  „Охридска вечност“. Придружната награда беше доделена на  Надица Тасеска  за   „Охрид раскажува за Св. Климент“ и  Симона Димитриевска  за песната „Климентово дело“.

Годинава наградата во третата категорија за ученици во средно образование од прва до четврта година не беше доделена откако тоа претходно  го одлучи   стручната Жири-комисија. Затоа  наградата се подели како придужна  на првонаградените во претходните категории.