19/04/2024
Писма/Колумни

Охрид SOS: Деструкција за реконструкција

Општина Охрид за утре (понеделник, 1.3.2021 година) најави СЕЧЕЊЕ НА ЦЕЛИОТ ДРВОРЕД долж улицата „Јане Сандански“ поради наводна реконструкција! Ова не е првпат да се уништуваат здрави децениски дрвја на оваа улица! Напротив, ова е само повторување на повеќедецениска практика во градот – синоним за реконструкција на некоја улица да биде деструкција на повеќегодишни дрвја!

На првата фотографија може да забележите каков бил дрворедот на крајот од седумдесеттите години од минатиот век. За потоа да се сведе на редуцираниот дрворед што го имаме денес, а од понеделник натаму ќе го немаме ни тоа!

Што е најважно, ваквите одлуки се носат БЕЗ АПСОЛУТНО НИКАКВА консултација со јавноста. На ниеден начин не се охриѓани вклучени во процесот и транспарентно информирани за плановите за да може да дадат свој коментар или забелешки. Во Архуската конвенција чијшто потписник е и Македонија, јасно се утврдени правата поврзани со одлуки кои ја засегаат животната средина: процес на сеопфатна консултација е задолжителен, транспарентна комуникација со граѓаните е задолжителна ако сакаме навистина да бидеме земја која ги почитува демократските начела и која го штити владеењето на правото.

Во објава од 26.2 2021 година, на службената интернет страница на Општината има само едно штуро соопштение неколку дена пред изведување на градежните активности. Јавноста е ставена пред свршен чин. Општината не понудила ни идејно решение, ни визуелизација. Јавноста не знае што освен „промена на водоводната азбестна линија“ ќе значи таа реконструкција. Дали ќе има дрворед од двете страни на улицата, како некогаш? Какви садници ќе ги заменат овие дрвја кои се сега? Дали воопшто ќе се засадат дрвја? Зошто има потреба од отстранување на дрвјата? Дали ќе има велосипедска патека од двете страни, како на другите улици или повторно ќе се паркираат возила на едната страна? Иако општината се фали дека била најтранспарентна во југозападниот регион, според делата воопшто не делува како таква.

Кога се сечеа дрвјата на „Туристичка“ кај ОУ „Григор Прличев“ на секторот Паркови и зеленило при ЈП „Охридски комуналец“ му предочивме дека законите мора да се почитуваат и сугериравме во иднина пред секоја интервенција да се соопшти во јавноста зошто се сече, дали може да се дислоцираат стеблата без сеча, ако се болни да се обезбедат конкретни докази, да се поткрепат одлуките за сечење и со фотографии и со видео. Но, како што гледаме, македонските институции не се нималку заинтересирани да си ги исполнуваат обврските и да работат во најдобар интерес на граѓаните. Пандемијата требаше да нè научи дека себичното и агресивно експлоатирање на природата на крај доведува до уништување на човекот. Но, не може да очекуваме дека тие лекции ќе ги научат моќници што профитот го ставаат пред здравјето на сите нас.

Во предизборната програма на градоначалникот на Општина Охрид Константин Георгиески – еден од првите приоритети беше „Спроведуваме еколошки мерки, обезбедуваме чиста животна средина и зачувување на природата, зашто таа е клучна за нашиот регион и за здравјето на граѓаните“.

Откако ја доби привилегијата да биде градоначалник на Охрид покажа дека е уште еден во долгата низа нечесни и непринципиелни политичари кои дрско манипулираат со потребите на граѓаните. Покажа дека е уште еден од збирштината обични лицемери што не бираат средства за да ги задоволат своите бескрупулозни амбиции и немаат никаква почит кон природата.

Бараме ВЕДНАШ да се повлече одлуката за сечење на дрворедот на ул. „Јане Сандански“.

Бараме ВЕДНАШ Општина Охрид да го објави целосниот проект за реконструкција на улицата со неколку сценарија.

Бараме ЕДНАШ ЗАСЕКОГАШ да запре уништувањето замаскирано како некаква реконструкција и „во согласност со закон“.

Граѓанска иницијатива Охрид SOS

*Ставовите во категоријата Писма/Колумни се лични ставови на авторите, за кои редакцијата на WebOhrid не сноси никаква одговорност.