19/04/2024
ОхридПисма/Колумни

Охрид SOS: Изјавата на Пецаков е крајно неумесна. Дали Охрид го добива својот Рамиз Мерко?!

Изјавата на Пецаков е крајно неумесна и недолична за лице на така одговорна функција. Дали ова значи дека Охрид го добива својот Рамиз Мерко?! Во неговата изјава гледаме еден крајно штетен однос кон Регионот исклучиво во служба на крупниот капитал, го гледаме истиот шаблон кој го донесе Регионот на раб на губење на статусот УНЕСКО. Се враќаме најмалку 6-7 години назад наместо да одиме напред!

Пецаков вели дека објектите на плажите не биле дивоградби. Не само што се дивоградби, дел и официјално вклучени во Регистарот на нелегални градби од Општина Охрид, туку градењето на цврсти градби од бетон, со прозорци во појасот од 50 м со упади внатре во езерото го прави издавањето на таквите „дозволи“ кривично дело за кое мора да се гонат тие лица што ги издале и секако тие инспекциски служби што не постапиле и не си ја исполниле својата службена должност да отстранат незаконски градби.

Враќање на концесиите не може да има, бидејќи концесии нема – договорите се истечени со години, а јавноста дозна дека во последните 3-4 години „кираџиите“ не платиле ништо за привилегијата да заработуваат од екплоатација на крајбрежјето на најстарото езеро на Европа. Постапката за издавање на државно земјиште под закуп е регулирана со закон. Воедно, би сакале да го упатиме Пецаков на Планот за управување со светското наследство на Охридскиот Регион (2020-2029) и на постапката околу регулирање на крајбрежјето. Го потсетуваме дека тој како градоначалник е со закон обврзан да го спроведува Планот за управување. Моментално се работи Урбанистички план за крајбрежје, кој како план од државно значење е во надлежност на Министерството за транспорт и врски. Во него треба да биде вградено зонирањето на крајбрежјето – Зона I според Планот за управување. Додека не се усвои тој урбанистички план, крајбрежјето, односно определените зони за плажи, не може да се издаваат под закуп. Откако Урбанистичкиот план за крајбрежје ќе биде готов, општините ќе треба да усвојат и урбанистичка документација за плажи. Сите урбанистичко-плански документи треба да добијат позитивно мислење од Комисијата за управување со Охридскиот Регион.

Упатуваме јасна порака до новото раководство во Општина Охрид и до сите кои мислат дека може да профитираат и да уништуваат како порано – да немате илузии дека на плажите ќе никнат ист тип на градби како тие кои беа срушени! Причината за создавањето на Планот за управување и Урбанистичкиот план за крајбрежјето е да се воведе ред и да се постави систем за тоа што смее, а што не смее да постои во секоја зона.

ВМРО ДПМНЕ со години ја храни делузијата во јавноста дека е партија на патриоти. Ова е вистинскиот тест за патриотизам. Патриотизмот значи државотворност, значи грижа за сограѓаните, значи заштита на најголемата природна скапоценост што Македонија ја има и одговорно управување со неа во служба на јавниот интерес! Безрбетници, опортунисти и среброљупци никогаш ниту биле ниту може да бидат државотворци.

Граѓанска иницијатива Охрид ЅОЅ

*Ставовите во категоријата Писма/Колумни се лични ставови на авторите, за кои редакцијата на WebOhrid не сноси никаква одговорност.