24/04/2024
Спорт

„Охрид Траил“ нова спортска атракција

Со поддршка на општина Охрид, Асоцијацијата на спортови „Спорт за сите – Сите за спорт“, а во соработка со Здружението за промоција на планинарското трчање „Трекс“ го организираат новиот спортски настан „Охрид Траил“.

Охрид, онака како што доликува, од денес ќе биде побогат за уште еден спортски настан. Не сомневајќи се во способноста и капацитетите на организаторот, Асоцијацијата на спортови – „Спорт за сите“, можам да Ве уверам дека и овој настан ќе биде вистинска атракција како и „Охрид трчат“ и настан кој ќе прерасне во традиција. „Охрид Трејл“ е новата содржина која ќе го збогати спортското портфолио на градот, изјави в.д. градоначалникот Константин Георгиески и додаде „со големо задоволство, како човек кој што е страстен љубител на природата и планината, можам да кажам дека овој настан, овие трки, ќе бидат одлично искуство за сите учесници. Воедно настанот сам по себе ќе биде промотивен и ќе го афирмира природното богатство на нашиот Охрид“.

„Охрид Траил“ претставува планинско трчање, кое што ќе се одвива низ Националниот парк „Галичица“. Предвидени се две трки во должина од 60 и 35 километри, едната почнува од Св. Наум, додека другата од кампот Елешец. И двете трки ќе поминуваа преку НП „Галичица“ и ќе финишираат на Градскиот плоштад.

„Охрид Траил“ е трка во планинско трчање. Планинското трчање е спорт кој што е мешавина од планинарење и трчање на долги дистанци и најчесто се одвива во националните паркови, заштитени зони и природни резервати или низ предели кои што изобилуваат со природна убавина. Трките во планинско трчање во организирана форма се присутни веќе 15-тина години низ светот. Вообичаено се трчаат на дистанци од 15 до 300 километри. Здружението „Трекс“ е зачетник и главен промотор на организираното планинско трчање и од 2011 кога за прва пат започнавме да го организираме „Крале Марко Траилс“ во Прилеп, веќе се создава еден комплетен календар на трки, истакна Дејан Крле од Здружението „Трекс“.

Целта на настанот е што е можно повеќе да се популаризира планината, а воедно и да се подигне јавната свест за да ја почитуваат и чуваат.

Онака како што планината нам ни дозволува да го организираме овој настан, така и ние ќе и возвратиме со тоа што ќе овозможиме повеќе луѓе да ја посетат, да ја почитуваат и чуваат. Како што „Охрид Трчат“ го популаризира централното градско подрачје заедно со стариот дел на градот, триатлонот го популаризира езерото со крајбрежјето и овој настан кој што го организираме ја популаризира Галичица, националниот парк и цело богатство што го има таму, рече Иван Цветкоски од Асоцијацијата за спортови „Спорт за сите – Сите за спорт“.

Трките ќе се одржат на 25. Мај, а пријавувањето  започнува од 01. Февруари. Заинтересираните може да се пријават и да ги пронајдат сите потребни информации за трките на официјалната веб страна на „Охрид Траил“ – www.ohridtrail.mk .