Охрид утре домаќин на првиот Меѓународен Меморијален Атлетски Митинг „Влатко Димитров“

Охрид утре ќе биде домаќин на првиот Меѓународен Меморијален Атлетски Митинг„ Влатко Димитров“.

Атлетскиот Клуб „Охрид” заедно со Атлетската Федерација на Македонија за прв пат годинава го организираат овој атлетски митинг, во чест на проф. Влатко Димитров, долгогодишен тренер на  Атлетски Клуб „Охрид” и еден од најзаслужните за сите успеси на клубот, а и општо на Македонската атлетика. По тој повод, денес во Спортската Сала „Билјанини Извори“ Охрид се одржа прес-конференција, на која беа најавени деталите околу претстојниот атлетски митинг.

„Основна цел на ова прво издание е да започнеме со една традиција со која барем малку ќе му се оддолжиме на покојниот, професорот Влатко Димитров, за неговите дела и неговата посветеност во атлетиката. Нашата иницијатива наиде на големо разбирање од АФМ и со нивна значајна помош решивме да ја започнеме оваа традиција. Настанот ќе започне утре (28.04.2018) во 12:00 часот со поздравни говори и отварање на митингот. Првата дисциплина фрлање на диск ќе започне во 12:30 часот, а останатите од 13:00 часот до  14:35 кога ќе стартува последната дисциплина, 400 метри за мажи. Како меморијална дисциплина ќе биде скок во далечина, во машка и женска конкуренција, во која дисциплина професорот Влатко Димитров имаше најдобри достигнувања со своите атлетичари, во која и ден денес држи рекорди во Р.Македонија. За меморијалната дисциплина ќе имаме скромен награден фонд, 6 илјади, 3 илјади, како и илјада и петстотини денари за прво, второ и трето место. Според стартните листи кои ги добивме од АФМ очекуваме учество на 140 учесници од земјава, како и од соседните држави Бугарија, Албанија, Косово и Србија.“ – истакна Пецо Неданов, претседател на Атлетски клуб Охрид.

Надица Димитров, сопругата на покојниот професор Влатко Димитров, се заблагодари за иницијативата за овој меморијал.

„Благодарам за иницијативата за овој меморијал, им благодарам на сите атлетичари и сите од клубот, кои се залагаат да ги остваруваат влатковите дела“. – рече Димитров.

Претседателот на Атлетска федерација на Македонија, Крсте Серафимовски изрази задоволство што денес е тука во Охрид по повод првиот меморијален натпревар „Влатко Димитров“.

„Атлетската федерација ќе ги поддржува овие манифестации со оглед на тоа што Влатко Димитров остави големи дела во атлетиката. Атлетската федерација секогаш ги става во прв план ваквите манифестации кои што играат огромна улога во атлетиката и верувам дека Атлетскиот клуб Охрид ќе продолжи со истото темпо кое што Влатко Димитров го остави во трајно сеќавање за атлетиката во Охрид и Македонија. Охрид има идеални услови за работа и затоа Атлетската федерација секогаш ќе стои зад овој натпревар кој верувам дека ќе постане традиција. Влатко Димитров во Атлетската федерација беше на многу функции, меѓутоа како круна на неговата кариера беше изборот за селектор каде во два мандати ја водеше репрезентацијата успешно и во неговиот период беа донесени доста медали од балканските и европските првенства. Делото и името ќе остане вечно и за нас ќе остане вечен и мислам дека традицијата ќе ја продолжат и помладите генерации, да се памети ова име, затооа што и заслужува.“ –  изјави Серафимовски.

Новиот тренер на Атлетскиот клуб Охрид, Миле Јованоски ги најави спортските дисциплини во кои учесниците ќе се натпреваруваат.

„Се надевам дека ќе продолжиме по стапките од легендата Влатко Димитров. Ќе имаме натпреварувања како во тркачки, така и во скокачки и фрлачки дисциплини, од спринтовите ќе има 100 и 400 метри машка и женска конкуренција, 1000 и 3000 метри со пречки или стиплчез во машка и женска конкуренција, скок во далечина, скок во височина, и од фрлачките дисциплини се застапени копје, диск и ѓуле за машки и диск и ѓуле во женска конкуренција. Со оглед на големиот број натпреварувачи очекуваме одлични резултати, а зошто да не биде соборен и некој од актуелните рекорди.“ – рече Јованоски.

Од Атлетскиот Клуб „Охрид” и Атлетската Федерација на Македонија велат дека настанот ќе прерасне во традиција и дека секоја година ќе се одржува последната сабота во месец април.

WebOhrid