19/05/2025
Охрид

Охридските првачиња дел од големата детска трка

Вкупно 455 првачиња од Охрид и Дебрца беа дел од големата Детска трка која се одржа денеска на стадионот „Билјанини извори“ во организација на АК „Охрид ТрчаТ“.

Овој спортски настан кој во ваков концепт се организира четврта година по ред има за цел е да ги промовира спортските навики кај најмладите и да ја подигне свеста за поголема физичка активност.

Свое поздравно обраќање пред младите учесници и публиката имаше градоначалникот на Општина Охрид, Кирил Пецаков.

– Чувствувам посебна радост и топлина во срцето што имам можност повторно да бидам дел од оваа прекрасна манифестација, која веќе традиционално како пролетен мајски цвет ја буди желбата за спортување и носи огромна позитивна енергија во Охрид.

Денес, нашите најмили трчаат за здравје и за радост. Нивните мали чекори остават траги на надеж и ведрина и испраќаат една голема порака по повод Светскиот ден на физичката активност!

За првачињата, истрчаните сто метри ќе донесат искрена смеа и аплаузи, а за нас возрасните голема сила да продолжиме да ги охрабруваме и да го наградуваме нивниот труд.

Општина Охрид отсекогаш стоела и ќе продолжи да стои цврсто на страната на спортот, затоа што знаеме дека здравите навики се градат од најмала возраст. Оваа трка не е само спортски настан, ова е доказ на нашата свесност за здрав живот, здрави деца и активни ученици, кои ќе растат со спортски дух, со дисциплина и со чувство за заедништво.

Оваа можност ја користам да упатам голема благодарност до организаторите од атлетскиот клуб „Охрид трчаТ“, до училиштата, до поддржувачите и до сите кои веруваат дека децата се највредниот потенцијал на нашата иднина.

Благодарност и до Општина Дебрца која како партнер, заедно со нас гради спортска култура и пријателска соработка.

Искрено верувам дека овој прекрасен спортски концепт ќе продолжи да се надоградува и во иднина ќе прерасне во спортска манифестација, по која Охрид ќе биде препознатлив и ќе стане позитивен пример во спортската заедница, не само во Македонија туку и пошироко.

Драги дечиња, денес ова е вашиот голем спортски успех, денес сите сте победници и сите заедно ќе го освоите првото место! Трчајте, другарувајте и уживајте! Бидете засекогаш весели и среќни и гордост за сите нас!истакна Пецаков во своето обраќање.

Учеството на трката беше бесплатно, а за сите учесници АК „Охрид ТрчаТ“ обезбеди маица, медал (финишер), вода и пригодни подароци. Трката и оваа година ја подджаа Општина Охрид и голем број општествено одговорни компании.


WebOhrid / 09.05.2025 / Општина Охрид