18/04/2024
Охрид

„Охридско лето“ носи концерт на пијанистот со исклучителна префитнетост Лугански

Во рамките на музичката програма на фестивалот „Охридско лето“ вечерва на подиумот во црквата „Света Софија“ со почеток во 21 часот, ќе настапи рускиот виртуоз на пијано Николај Лугански. На програмата се дела од Клод Дебиси, Александар Скрјабин и Сергеј Рахмањинов.

Николај Лугански критичарите го опишуваат како пијанист со исклучителна префинетост и чувствителност, со „кристална убавина“ во свирењето слична на онаа што ја имале големите Моцарт и Шопен, како и виртуозност која потсетува на Рахмањинов и на Прокофјев. Студирал на Московскиот конзерваториум во класата на видни професори – Татјана Кестнер, Татјана Николаева и Сергеј Доренски. Во текот на својата кариера настапувал во некои од најпрестижните сали во светот „Wigmore Hall“ во Лондон, „Konzerthaus“ во Берлин, „Théâtre des Champs-Elysées“ во Париз, Големата сала на Московскиот конзерваториум, Големата сала на Филхармонијата на Санкт Петерсбург и други, а соработувал и со некои од најзначајните оркестри: Лондонскиот филхармониски оркестар, Чешката филхармонија, Рускиот национален оркестар, Фестивалскиот оркестар на Будимпешта, Симфонискиот оркестар на Сан Франциско, Филхармонијата на Санкт Петерсбург и др.

Освен како солист, Лугански настапува и како камерен музичар со изведувачи како: Миша Мајски, Вадим Репин, Александар Књазев. Чест гостин е и на некои од најпознатите фестивали во светот, меѓу кои со  циклусот концерти „The Proms“ одржани  во Лондон, Интернационалниот пијано фестивал во Ла Рок Дантерон, Франција, Музичкиот фестивал во Раингау, Германија, Интернационалниот фестивал во Единбург, Шкотска и многу други, а се јавува и како уметнички директор на фестивалот „Рахмањинов“ во Тамбов. Добитник е на многубројни награди и признанија, меѓу кои и „Уметник на народот на Русија“ во 2013 година.