28/03/2024
Охрид

„Охридско лето“ организира концерт во спомен на покојниот градоначалник Стојаноски

Фестивалот „Охридско лето“ на 12 јануари ќе организира концерт на класична музика на кој ќе настапат младите српски солисти Александра Петровиќ и Стеван Каранац заедно со Српскиот камерен оркестар. Концертот ќе се одржи во црквата „Света Софија“ со почеток во 19 часот, а како што велат од оваа национална установа, ќе биде посветен на прерано починатиот градоначалник на Општина Охрид, проф. д-р Јован Стојаноски.

Исклучително талентираната уметница Александра Петровиќ своето основно и средно музичко образование ги завршила во Ниш, во класата на професорот Гордана Милошевиќ, на катедрата соло пеење. Настапувала во Ниш, на НИМУС, на концертите на Виенските валцери и оперски арии со Видинската филхармонија, со Младинската филхармонија „Наисус“, како и со дувачкиот квинтет „Нишки солисти“. Во моментов е на специјалестички студии на Факултетот за музички уметности во Белград, во класата на професорот Никола Мијаиловиќ. Од 2018 година, Петровиќ е хоноререн соработник на Операта и Народниот театар во Белград.

Тенорот Стеван Каранац, музичкото образование го започнува во 2009 године во музичкото училиште „д-р Милоје Милојевиќ“ во Крагуевац. Стилот и техниката на пеење и глума ги усовршува на многу работилници и мајсторски курсеви со плејада успешни пејачи, режисери и актери. Го завршил и курсот за оперски студии „Борислав Поповиќ“ во Народниот театар во Белград. Како активен учесник на интернационални натпревари во Србија, регионот и странство, добитник е на бројни награди, меѓу кои и наградата „Лауреат“. Од 2013 година одржува бројни концерти во Србија и надвор од земјата.

Српскиот камерен оркестар е основан во 1994 година од страна на уметничкиот директор и диригент Ѓорѓе Павловиќ. Оркестарот работи во неколку постави: како гудачки, камерен во мешан состав, мал симфонискии, помали камерни состави како дуа, триа, квартети и слично.Специјализиран е за изведување дела од современи српски композитори со традиционални елементи. Освен тоа, на репертоарот на оркестарот се застапени дела од светски композитори од сите епохи, од барокот до денес.

Српскиот камерен оркестар е добитник на високи оцени од страна на стручната критика, а Култната просветна заедница од Белград му доделила награда за траен придонес во културата за 1995 година.

Како потврда за квалитетот за досегашната работа се големиот број трајни снимки за Радио Телевизија Србија, изведби што покажуваат голема техничка подготвеност на ансамблот и високо ниво на музицирање кои се неопходни за да се изведе една ваква сложена работа како што се снимањето концерти во живо.Членовите во оркестарот се успешни уметници кои често настапуваат како солисти.